аглест прид.

аглест (прид.)

Јастрепски остроока, подгрбавена аглесто и со машки објала под црната калуѓерска облека, така што дури и рамениците ѝ личеле на скршени или преморени крилја, изгледала дека никогаш веќе не ќе зачекори по таа земја на тага, дека ќе остане на тоа и свето и проклето место, помеѓу две нездрави црни борови стебла, и самата да пушта од себе испреплетени корења и да го наслушува со накривена глава минатото.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Исто се случува и со чудата кои се оправдување за нашата вера, која е чекорење по рабовите на сопственото срце, на тие ивици и аглести кривини се скриени најголемите тајни.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Затоа, испиен и невозможно аглест под излитената мантија со боја на исчадено вишново дрво, го оживувал стравот на Откровението од многуглавата Библија: Фиданка Кукникова еднаш се заколнала на верност пред олтар а маж ѝ е жив, скита и се откупува од гревови негде, ќе му побелат очите од печал и копнеж, ќе се врати на своето парче камен во некоја од пештерите и ќе му се пожали на господа - делкав по светов крстови за твоја слава, зошто ме фрлаш во нови искушенија?
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Јован беше сув и жилав. Му ги гледав рамената подадени нанапред, кафеави наспрема белата маица, повеќе аглести отколку заоблени, мускулите над лактот издолжени со модрите жили.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Долгнавест муаџир со бербатна чалма несмасно навиткана, длабоко изгравиран со дебели нечисти брчки и со очи толку вдлабени во главата, та личеа на дупки во коишто одвреме-навреме проблеснуваа само белките, со лице исушено, глуждесто и аглесто, пушташе необични лаги, та оние што се тискаа околу него самодоверливо потврдуваа со главите или со поглед, верувајќи или сакајќи да веруваат во тоа што беше само убава измислица и мечта.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Нивните движења немаа ни ред ни крај, се повторува и пак беа секогаш поинакви, еднаш остри и аглести, другпат меки, бавни.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Вратот меѓу рамената ѝ беше снажен конусно извишен до под аглестите вилици над коишто лицето ѝ сјаеше со ведрина, челото ѝ беше просторно, а косата црвена и ситно кадрава, собрана во туфка на тилот и висната над пловината на грбот.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)