бапне (св.)
Дедо му на Ибраим Ибраим, меѓу своите познат како Кара-Демир, се висхитил од долгоногиот распон, зошто му се сторило дека тој иноверник е готов да загине за султанијата па го стасал и трчал со него барабар, воинствено ревејќи сѐ додека на чекор од нив не бапнала граната.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Го бапна на земја и тргна да го поведе танецот, доволен што си одмазди за некнежните удари со јатаганот по раце.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Ја турна на кај огништето и уште малку за големо чудо ќе ја фрлеше во оганот; ја бапна во пепелта и се загна да си го милува Толето, кое веќе врескаше до зајдување.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Последен излезе и бапна во вирот Никола и по река, надолу, ги најде сите триесет и два другари во врбјакот каде што се разделува патот за Поешево и Оптичари и им ја честита слободата, а тие едногласно, уште тука, го избраа за свој војвода, благодарејќи му со тоа, што ги извади од затворот и им ги спаси животите.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Навистина почнуваше пролетта. Низ прозорецот без стакло бапна мирис на шума и цвркот, од некоја црква се огласи со сребрен глас старинско ѕвоно, ме опи со чад на темјан, ме растрепети со топлина и со сеќавање на песна што сум ја слушал во свадбарски утра од Богдан Преслапец и Блаже Задгорец.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
На Доста крвта ѝ зовре во мозокот, и уште сред куќи го бапна котолот од глава и ѝ се загна на Митра, која, како кабаетлија се здрви, просто не можеше да мрдне.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
За миг на осудениците им ги распараа алиштата со јатаганите, ги соблекоа и ги грабнаа по двајца јаки сејмени и дренкокош – едниот за глава другиот за нозе ги качија и ги бапнаа врз разгорениот оган.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Изутрината, само што попот Ставре го префрли епитрахилот преку рамо, а светите писанија му ги даде на епитропот, туку во црквата бапнаа растрчани робот Бошко и мајстор Миклош, Унгарецот.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Крле гледа дека таа ја води водата на нејзината, ама и на неговата водеиица, та да не обиколува леводесно, таман таа заврши, тој ја бапна пред обете: — Е, море, шо ќе барам јас наки-ваки сиромашки ај дај ми а ти! — и се испули во Неда, се понасмевна и го запре здивот да го чуе одговорот.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И, не мислејќи повеќе, и тој се бапна крај Ризван-бег и почна да ја удира главата од душемето.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Прстите му помодреа и не го додржаа, го пуштија и се слушна како бапна таму внатре.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Во една таква шамата не ги ни чуја шлапкањата надвор по вировите, ама кога во влезот се растропаа котлиња кога некој не ги погоди басамаците и бапна во темницата, многу глави се свртеа кон влезот во просторијата на кој немаа ставено препрека.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)