барака ж.

барака (ж.)

А ти, ела малку по мене“, и Башмајсторот замина покроце кон бараката, зборувајќи како за себе: „Си нашол работа, аирлија нека ти е, само мене ми е страв да не би да биде ова сѐ што ќе ѝ однесеме на мајка ти“, а оној едно време гледаше по Башмајсторот, се подвоуми, Башмајсторот ниеднаш не се обѕрна да види доаѓа ли овој по него, чекореше спокојно, и најпосле оној замина кон бараките.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но и со таква лутина нешто ме тера да подзапрам пред прозорците од бараките, да се видам на стаклото, да ја навалам капата над увото, да ги натресам кадравите коси.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ми беше рекол оти му се смачил животот по бараки и оној војнички казан од кој можеш да зафатиш со водата само ориз и моркови.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Не се враќаат веднаш на своите сламеници и рогозини во бараките и во коњушниците.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Се ближеше крајот, а графиконот закачен пред бараката на штабот покажуваше дека ако се продолжи така знамето нема да се развее над логорот од нивната бригада.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Бившиот затвореник си ја одбра не само истата барака туку и истата спална.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Снимателот немаше доверба во својот асистент да му ги даде инструментите што си ги задржа на вратот како амајлија, иако во штабната барака не го очекуваше некоја неизвесна судбина освен да пие ладно кафе, да трга цигара по цигара и одвај да чека да му понудат од шишето што се криеше во бирото.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Излегуваме пред бараките, а таму нѐ чека Рјазин, со натегната шубара до очите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Порано се бричеше на неколку дена, потпирајќи го огледалото на ѕидот од бараката во дворот за да му гледа подобро или одеше во берберницата за да ги почувствува барем еднаш неделно нежните прсти на фризерката која го бричеше жулкајќи го по лицето за да провери каде треба уште да помине со бричот или по бричењето да го намачка со мирис и помада.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Во бараките се палат светла и се појавуваат глави на прозорците.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Оди со долгите нозе до крајот на бараката и се враќа.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Тие спиеја во одделни бараки и ретко можеа да се видат.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Тешко ранетите ги сместуваат во бараките, а потоа на стол.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Бараките уште не беа заклучени од ноќната стража.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Многу недели подоцна , кога ме сместија во Установата за душевно неурамнотежените, и кога му раскажав на човекот од бараката број три за прогонот на Непознатиот на Слатински ливади тој постојано ме подучуваше дека требало да се поднаведнам во моментот кога ме престигнувал.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Од сите бараки излегуваат жените и се вртат на снегот, се пореваат како налудничави сеништа.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Влегов во бараката и слушам замалено плачење.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Само за спиење си одиме во бараките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Од бараките осамено и молчешкум излегуваат луѓето.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Кога се доселивме во новоизградената станбена барака, ми се чинеше дека одеднаш бев пораснала и во оваа куќа треба да преземам улога на домаќинка.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Повеќе