баци (св.)
Три пати подолги ми пораснаа прстите три пати посилно стегнав со забите се наведнав и го префатив вратот на твоите камењари за да те бацам.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Ќе ми дојде некого да го бацам в чело а веднаш потоа ќе ми дојде да го плукнам.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Понекогаш ќе се сожалеше и оние добичиња што од силен јадеж и страв ќе избегаа во планината, одеше да ги бара; кога ќе ги најдеше спикани во некоја грмушка или трап каде што сѐ уште мавтаат со опашката и клоцаат со нозете од силен јадеж, им се доближуваше полека, им ги вадеше коњските муви и стршлените и тие ослободени од тој напаст, го лижеа по рацете и им идеше да го бацат.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Сака да нѐ баци жената, а ние не знаеме што сака.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Сите бацени места ги забришува.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тука прв пат ме баци.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тој го баци олтарот, крена раце кон небесните сили, запеа со изменет глас на верник.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
И, ако со виното вдовица вашата силна жед ја загасила медно, а ако ви бацило рака со насмевка милна сираче нејако, бедно, ил ако во гозби сте имале почесно место — кое е гордост, би рекол - и ако здравицата вам ви се здравила често: здравје ви посакал секој — па, да се присетиме ние за тоа и нека да се покажеме смели!
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Го гледам ме вика со прстот. Потрчувам и, трчајќи ми иди да му бацам рака, да го бацам в чело, на полите од шинелата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Оној веќаваше, оној плачеше, поземајќи ги парите од Башмајсторот, оној дури и му баци рака на Башмајсторот, беше една голема, корава рака, испукана од делкање камен и од варта, сите мислеа дека не можеше да се стори ништо, ни една трошка, поинаку; сите тогаш мислеа дека е сега готово, дека по ова на оној ќе мора да му дојде умот, а Башмајсторот ја тргна својата голема рака, помолче, помолче, а после рече: „Чуј, сине.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
колку патрони чеиз му донесе на Горачинов, ми велат, да имавме ракија, вели Горачинов, ќе ве викневме на блага ракија, и ќе фрлавме пушки, вели, свртете на друго, вели Ристо Коларов, здравувајте нѐ в образ, бацете ни рака, вели, не го погоди моментот, вели Горачинов, историскиот момент, ова не е свадба, туку свадбено патување, вели, дури си млад сѐ можеш да кажеш, што се вели, сѐ ти се може и сѐ ти прилега, и јас гледам како се стемнува и како цело небо ни слегло во морето, сосе ѕвезди и сосе месечина и си мислам дека сме тргнале по небото, сме се закренале на некоја пловидба меѓу ѕвездите, целата сум зашумолена и пренесена некаде, некоја голема умора ми се обесила на клепките, ми натежнала во коските, нешто гледам, а повеќе не гледам, како до половина да сум заспана, завлезена во сонот;
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
На, баци го крстот и прекрсти се...
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Ја беше наведнал главата и чекаше. Ама, кога ја крена, виде дека игуменот се откажал од тоа и сега беше задреман врз една од тешките манастирски книги, што ја држеше на колената, Се тргна, ја затвори книгата и ја баци.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Тате ќе му ја бацеше раката, а дедо ќе му речеше: „Сполај му, синко, на Бога, што ни се врати здрав и жив.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
Кога го стави в рака мобилниот, седна на столот спроти авторот и целата расмеана: „Го имам!“ му вели на авторот и го баци телефонот.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Наеднаш тој се втурна во мене, силно ме гушна и ме баци право в уста.
„Животот од една слива“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2014)
Никифор ќе ме баци, па ќе застане да ме гледа.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Штом јунакот тој ќе го гушне со насмевка милна, радосен ќе ми те баци . . .
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Е, некако нѐ баци, а лицето цело ѝ подвирува од солзи. Батачка.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Му отидов таму, седнав на навлаката за раце, го бацив среде ќелавата глава и го прашав, „Не ми докажа:“, му реков.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)