билје (ср.)
Разбери ме
не можам повеќе
да те создавам
да те лекувам
со поштенски марки
нема повеќе
да патуваш
сакам
да верувам
молци
ги јадат
адресите
во мене
интимно
се топат
некои санти
и паѓа
горчлива
сенката
на времето
кога се кастрат
лозите
и поривите
а билјето
развива
бујно
како грев.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Од неговата прикаска исто така можеше ноќе вжештено да се размислува за светците и грешниците на минатото и за темните вртежи околу нив, за времето во кое, повеќе од кога и да било, смртта и стравот од смртта господареле и над билје и над луѓе.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Ја претчувствувале главата пред жртвеникот на прегладнетоста: пред пенливи ноздри виси побелен јазик и се допира до нејака тревка; тоа е преживарска смеа над човечка алчност - лапајте и цицајте крвца, еднаш билјето со корен ќе ја смукаат и вашата крвца.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Низ тенката есенска магла небото трага по загубените ѕвезди. На брегот расте лековито билје, Патнику.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
А кога стигнаа до езерото видоа ѕид што се издига високо и на ѕидот многу лишај и билје црно што лачи и што цеди надолу.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
14. Набргу пусто ќе е сѐ и некој далечен ќе се насели мир од пештерите, од небото каде што зајде сѐ и од летото обоено со билје изгорено.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
- Мајко? Не - пред нив нема могила за да ја накитат со билјето низ коријата набрано.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Врти се роју умен, вртлогу
ти кој си на небо, биди на земја
вртилишта, улишта, восочни легла
рам-меморија на приземје и кат давам
за твојот „латински џагор“26за твојот бесценет секрет
меден збор, афродизијак
и медовината капната од небо ти ја давам
на серафим налик и на мираз
од нечија блага душа
и изблик на вечноста ти нудам
„гола како кокошкин врат“
за да се собереш, сакана
да дојдеш на врв врба
во моето гнездо озарено со етер
со екстракт од масло
со медоносно билје
ти нудам енигматични игри
крстословки, ребуси
пополнување на празнините и сотките
осмислување на келиите -
безбројните восочни клетки
ко минијатурни смрчки
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
- Сѐ што умира повторно се раѓа. И човекот и билјето.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Го погледнав осаменото семејство во градината во која Раиз го беше почнал бојот со дивото билје.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Сега не можам да речам
дека меѓу мене и денот кога
со татко за првпат берев смрчки
постои јасно растојание
сега кога мирисам на смрчки
повеќе одошто на самата себе
кога минуваат годините во животот
како што нема да поминат во споменот
кога сѐ е на свој начин отсутно
и пладнето, и билјето
и јас и тој
кога сѐ е заградено во мене
и секој настан има своја миризба
своја душа - она
кое не се споредува!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Со денови шета сам дење долж пресушеното корито на реката ноќе низ пустината во себе и утринава тој се собува, ги засукува ногавиците, зацапува во празното корито, го собира камењето, го корне билјето, го зачистува дното; што се случило, сам се прашува, кај исчезна водата...
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)
Набрале билје пролетно - здравец, јаглика и фиданки дренови.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Со суво билје легалото да ѝ го постелеме... невестинската кошула да ѝ ја облечеме... лицето смилосано со превез да ѝ го прекриеме...
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Изнасади непознати семиња кои ги добиваше од своите во Цариград, расцути дотогаш непознато билје со чудесни бои во градината крај Езерото, правејќи ја реална илузијата за некогашното среќно време.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Лакхдар беше во право. Вилата во која некогаш живеел Андре Жид во Ла Марса беше со убав видик на морето, со градина сета обрасната во густо медитеранско билје, насекаде проникнато со стракови јасминово цвеќе, со шадрван на средината.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Што призива оваа завеана трага, оваа пепел, Оваа прошетка низ камењар, низ суво билје, Што сака да каже овој јагленосан знак?
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Да, од такви болештини се поцрнувало, тоа можел секој да го знае, и тука не помага билје, таков лиснат или цветен лек не никнува од земјата, ракијата и лукот ѝ се смрт на смртта.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тој има во торбата билје, треви.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Не бил сигурен, подоцна само претпоставувал дека непогрешно го сонил она што ќе се случи во новиот ден: најпрвин, по сончевиот изгрев, го нашле, пред тоа, во ноќта, заборавен на носилка исцерителот Пандил Димулев, тој пријател на билје и треви; најверојатно дека безгласно починал од вчерашната рана помеѓу срцето и левата страна на стомакот, а потоа другиот тревар, откако го исплакал својот пријател со солзи што можел да ги пролее и над својата судбина, веќе видливо исушен и потемнет, легнал на неговата носилка и ѝ се предал на болештината, веднаш сите да видат дека се сушат и потемнуваат во лицата, и Самуил Пендуш, и Сандре Самарија, па некој (во неговиот сон, потоа во стварноста) барал да појде гласник по селата крај кои ќе минуваат, умните да оставаат на патот лук и ракија, за нив, и сено за воловите, инаку сами ќе атакуваат и ќе грабаат со темна можност да им ја донесат на домаќините, како гостинка, чумата што уште пред да го закопаат едниот тревар го однела другиот: два гроба еден крај друг, плитки и покриени со тврди грутки, крст до крст со шубари на вертикалниот крак.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)