блато ср.

блато (ср.)

Дајте ми круна од злато, ќе направам дворец од блато! Не, не, не, извикаа дечињата...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
А еве што се одиграваше во душата на малиот водоносец: После вечерниот разговор со старецот и сонот што го сони ноќта, во него како да се скрши нешто, одеднаш му се откри пред очите што станува околу него и каков подвиг означува борбата со блатото – она подводно чудовиште што го виде на сон.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Погледот му се задржа на блатото и трските што се простираа далеку.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Арно се сеќавам: меѓите со она село што го гледате зад блатово ни беа некаде тука; ако некому му се скршеше ралото стигаше неколку чекори да направи и да земе рало на заим од комшијата ...
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Тамо имало едно големо блато и во блатото илје и милје имало жаби и други водни животники, тамам за штрковите гозба.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
3 Во времето кога двајцата бегалци дојдоа меѓу бригадирците, во Струмичкото поле се биеше голема битка за исушување на злогласното Моноспитовско Блато, кое што со години веќе ги испиваше и луѓето и плодовите на земјата во овој богат крај.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Од срце ми се плаче, но тоа свесно не го правам зашто плачењето ги исцрпува силите, води кон попуштање кое значи конечно тонење во ова блато.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
А и да престанам не смеам зашто оној момент кога ќе се смирам на едно место, тоа некако сигурно го знам, во тој момент ќе почнам да тонам како во живо блато.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
По патот одеа можеби пол час, а по тоа наеднаш скршнаа десно, низ пченките, право накај блатото што блескаше на сонцето среде поле.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Во главата му шумеа зборовите на командантот, а во душата го болеше: сета надеж, сета онаа одушевеност, со која што утринава дојде овде, пропадна и како да се потопи во матните води на блатото.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Од сите поранешни привилегии им ја оставија само таа, да живеат на Имотот и да управуваат со Потковицата, да не мораат, како другата христијанска раја, да работат на полето, но и да опстојуваат делејќи го со неа, со своите довчерашни отроци, тоа што ќе преостанеше по толкуте давачки: покрај приходите од полето, од шумите, од ливадите, од лозјата, ним, на султаните, мораше да им се исплатуваат давачки и за патиштата, и за поилата на добитокот, па дури и за блатата и мртвиците во кои жителите на Потковицата ловеа риби и береа шамичишта и врбови прачки за кошари и кошеви.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Не знам колку време така сум мешала во тињата, во блатото.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
А сега? Како море не раздели блатото, ни ги потопи нивјето, а пустата небидница и животот ни го зацрни.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Место тоа сега се’, и работата на бригадирците, и каналот, и она блато што светкаше на сонцето како мало езеро сред непрегледната зеленина на полето му се виде неинтересно, бесмислено и глупаво.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
5. Таква е, гледана однадвор, пуста и ненаселена, наваму од крајот на последната Голема војна, односно наваму од принудната колективизација, и нешто потоа, откако ги зафати луѓето емиграцијата, таа самоникната и безимена потковица среде Бакарно Гумно, која, спуштајќи се благо по голите падини на ридиштата, на запад и на југ, сè до мелиорацијата (пред десетина години ја извршија доброволно младински работни бригади; покрај бесплатна исхрана, работничка облека и плускавици на дланките, младинците имаа и задача да ги шират меѓу себе љубовта и братството) се преточува во ливадско земјиште (сега сушно и неплодно) испресечено со мртвици и блата кои, пак, се вливаа во Црна и во кои заедно со стотици видови барски и преселни птици живееше и лошиот дух на маларијата, а на исток и на север, односно на североисток и на северозапад, сѐ до мариовските планини, односно сѐ до Прилеп и сѐ до крушевските планини, во житница и тутунско поле.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Како да се беа здоговориле со Белича; тој незабележано се искраде од бараката, кај црниците го чекаше веќе Белич готов за бегство, но како одеднаш се најдоа пак таму, сред блатото, на чун?
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
По две недели ќе биде Свето Благовештение; дотогаш во ливаѓето и оградите ќе стаса зелјето па за да зготват жените за празникот Риба на зелје под вршник, тие, мажите, ќе мораат да отидат на Црна и во Блатото за да изнафатат риби.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
- И самите папсуваат, - велам и со свои очи ги гледам како и тие папсуваат од зацапаноста во сопствените блата.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
За последен пат Мече фрли поглед на блатото: под зраците на сонцето што заоѓаше, водата гореше во крваво-црвени одблесоци.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Штом ќе изгрееше сонцето, орлите, во јата, ќе јурнеа од сртот на Потковицата спрема Беговски Ливаѓе, а лукавите штркови ќе ги намамеа во блатата, и тука, на земја, ги убиваа.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе