ближи несв.

ближи (несв.)

Избори нови повторно се ближат сомнителни ликови на гласање се движат за поголем процент редовно се грижат па гласови мртви во кутија нижат О Тешкото...
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Се ближеше крајот, а графиконот закачен пред бараката на штабот покажуваше дека ако се продолжи така знамето нема да се развее над логорот од нивната бригада.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Жената предизвикувачки се ближела покажувајќи ја белината на забите и без насмевка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ги меша житниот корен со семето од макот и од езерските дланки вечерната ѕвезда ја ближи.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Еднаш Игор Лозински му рече на Татко, а на тоа сега убаво се сеќаваше додека се ближеше кон крајот на истекот на реката, дека руската емиграција е нов феномен во универзалната историја на човештвото, што можеше да се спореди само со егзодусот на еврејската дијаспора.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
По ден, тогаш веројатно по последниот јасник во таа илјада осумстотини триесет и петта година, додека светлоста откосо се ближела кон рудината на која стоеле, нејасноста во очите на видовитиот не можела да им стане водач.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ближеше часот на разделбата. Таа сакаше да останам што подолго, наслутувајќи дека ова ќе ни биде последната средба.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Неговото раскажување се ближело кон крајот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И во времето кога се ближеа залезите на нивните животи и кога бевме далеку од нивната семејна орбита, со наши семејства, тие веруваа дека сѐ уште не престанала нивната мисија, нивната родителска грижа, посебно на Мајка која, и натаму, веруваше дека Бог ја одржува во живот токму за да си ги спасува своите чеда.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Се ближи рокот за предавање на објектот и неспокојството расте.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Кога типот почна сѐ подлабоко да навлегува во филмот да биде менаџер, да прави модни ревии, ми стана јасно дека се ближи нашиот крај.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Иако се ближи кон шестата деценија, по својата виталност и активност тој прилега на момче кое е готово да прави хируршки интервенции уште многу години.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Во неврзан разговор се ближевме кон универзитетскиот град Дармштат.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Станав, и се приближив ододзади, ѝ се ближам и ѝ велам оти кафето може и убаво да биде и ѝ се ближам со главата меѓу увото и раменото да ѝ пуштам малку топлина од мојот топол воздух што го испуштам со зборувањето.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Ете на пример, ближат празниците, па вака незаштитената шума е лесен плен за несовесни луѓе-нелуѓе, крадачи, арамии“ - возбудено брзаше да дорече Ивана „ да речам - разбојници - сечат елки, борлиња, дабови гранки и сето тоа го продаваат.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Не ни е нужно да мудруваме. Се ближи денот- ќе војуваме.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
— Риби ќе ранат со нас, вели Манол Форевски, еве, Драч ни се ближи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се ближам кон куќата, и леле, цело скеле, целиот скелет ми се ниша.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тоа е чудна глетка: нож по кој блескоти разлеаната крв на сонцето и глава, на која вивти војнички фес, мустаќи набабрени, свиснати, што фосфоресцираат и сето тоа бавно се ближи кон него.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Се ближеше априлската колоквиумска недела. Седев над книгите и читав.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Повеќе