близу (прил.)
Оди полека и наведната, повеќе држејќи се близу дебелите стебла.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Во моментот нѐ делеа близу триста километри и не можев битно да ѝ помогнам, ако воопшто јас можев во тој поглед нешто да ѝ помогнам.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Автоматизацијата и механизацијата на најважните процеси во оранжериите овозможуваат да се зголеми близу двапати продуктивноста на трудот во однос на досегашните норми.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Првите три географски беа многу близу и еднакво се третираа од Турците и Грците.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
- Зар не сте виделе мечка! – Одговори Дедо Мраз, исто како и тие, нестрпливо да дојде до белото животно. – Мечкава е првиот знак дека сме близу до светот што го бараме.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Расцветуваш на устата каде мојата пелтечи сѐ кон неа околу неа близу до неа врз неа секогаш така неуморно, секогаш неуморно.
„Омајнина“
од Афродита Николова
(2010)
Го вади револверот и брзо застанува близу до надворешната врата.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Татко ми беше близу до сознанието дека козите од овие балкански предели сигурно колку-толку ги ублажуваат последиците од ужасната „класна борба”.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Во сивкавиот полумрак близу до неа поминува носилката со ранетиот без раце и покрај него уште еден маж, со очи вковани в земја. Тешко се движи на патерици.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
1 Планината е далеку никој толку не отскитал црн брег со два рога на патот нејзин стои, Одовде само облакот е близу и молњите и ѕвездите ноќе кога паѓаат.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Близу до таа планина имало и едно поленце што било полно со скакулци од најголемите, - тамам за рана на штрковите.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Седнав крај летната тераса чии скали се спуштаа кон градината, на педесетина метри близу морето. Есента беше дамна во залез.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Одам а и ударите на секирите одат пред мене, ем многу близу- ем многу далеку.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Сега веќе и не ги гледаме, само ѕвончињата кажуваат дека уште се близу.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Од тој простуден ден до крајот на двете третини на патот, близу до Благовештение и на неколку недели пред Курбан Бајрам, искушенијата непрекинато стеснувале околу нив обрачи, и меѓусебно понекогаш да се апат.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Близу пол саат што одел, и кога дошол до една тумбичка, се качил на неа и чул од луѓе зборови; арно ама ништо не разбирал од тие зборови, така му се чуло, како кога да кљакаат штркови.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Поораа уште малку и бидејќи Силјан си одел по браздите сѐ близу, си зобал црвјето, чунки му се сладило, и му се чинеше оти татко му го милува, без да му текне оти е штрк во тој саат.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Сепак ако се одзве кога ќе ја повикаш И ако ја прифати поканата за заедничка вечера Отвори го пликот пред да ја кажеш нарачката Познат е големиот број невалидно изведени договори И лажни тестаменти Постојано мислиш: близу сум до среќата А сомнението ти шепоти: далеку си.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Близу триесет години не беше дошол.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
кај станицата синџуку во токио тој петок, да беше петок, се собираа педери кои во јазикот на новото време се именуваат како хомосексуалци а нивните паради се именуваат како геј паради и навистина чиста случајност е што токму во геј улицата близу станицата синџуку во токио имаше многу бездомни кучиња, мала парада на бездомни кучиња кои никаде не брзаат а дишат испрекинато и кога зјапаат во минувачите и кога се клецкаат, да простите близу станицата синџуку се наоѓа градската куќа на токио вообразена и вообличена како бетонски нотр дам баш тука како да се разминав во врвулицата со професорот кензо танге арно ама не стасав да го поздравам од пријателите од скопје професорот кензо танге кому во токио сите му се поклонуваат сигурно горчливо ќе се насмевнеше ако успеев да му го спомнам скопје тој и онака севезден се смее, се смее и на легендата дека токио и цела јапонија се создадени од божјата насмевка и онака низ смеа професорот кензо танге кај станицата синџуку во токио шутна една празна лименка од пиво а знаеше дека го шутира испиеното минато како што знаеше дека син му кокомо кога тогаш во токио ќе сади нови јајца и на врв јајце ќе се насладува со цедени насмевки и ќе ја ишка секоја идна катастрофа пред да удрат ѕвоната на бетонскиот нотр дам.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)