блуз (м.)
Тројца музичари, на излогот, во сини, глинени африкански панталони со симболи на Земја и Сонце, свиреа нешто помеѓу блуз и џез и изгледаа мирни и задоволни врз купот шарени камчиња кои Пиратот ги собирал од најблиското речно корито.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
Ars poetica
кога го опеваш не го спомнувај
морето, туку кажи делфин
кажи алга, кажи блуз
или
за морепловците, потонатите ’ртови
јодот и струјата зборувај
за солта, нуркачите, светилниците
за галиите, фосилите, коралите
за одронувањата, песокта, реумата
за ритамот
за матката
за бродоломците
за капаците на прозорците, кристалите и
авантурите, морските болести и трговијата
на свила и бело робје
за капетаните последни што умираат
за проститутките кои не се надеваат...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Хористите, со и без маски, грабаат од кошарата и танцувајќи по ритамот на блузот, со уживање ги гризат јаболките. таа во кадата или чинот на капењето како ритуална вертикала мојата пријателка ужива во решавањето еротски криенки низ антиката гилгамеш и енгиду ахилеј и патрокло како топли браќа незаситноста на хачепсут само (за) доволноста на хиполит ноншалантно како дома си влегува во неизмерната живост на паганските олимпи го бакнува кастор во левиот полукс во десниот образ со сибила ги претресува најновите пикантерии мислев се работи за умешност научена од библиотеката од таткото универзитетски професор по математика дека едно попладне не видов како се капе како си игра со сапунот по кожата силно возбудувачки сепак наивно така црномурестата египетска божица си играла во нил со младунчето хипопотам миноската голограда девојка со острите рогови на бикот дијана со шумските извори сосема лесно можев да ја префрлам во персеполис атена картагена нинива меѓу бадемовото млеко гулабовите очи јасминовиот цвет сокот од лилјан босонога ќе стапне меѓу нив во насмевката нитрага од исклештениот грч на дојденката најскриените катчиња на висечките градини се отвораат пред неа мокра сфинга сред куќните змии ограбувачите на пирамиди светите писма лавиринтите сиот си се вжештил ми вели не е тоа секс одговарам тоа е мит и влегувам во кадата есента веќе ги пожолти градските улици или фотоапаратот како детектив
„Или“
од Александар Прокопиев
(1987)
Како блуз пианист, насетував дека со Лолита – Јасна треба да отпочне од некој лев акорд, на пример Фис-мол.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
...до следното наравоучение и натаму до секое ново грбите на езоповците гнијат во најдлабоките празнини нивните басни 'ртат во нечије друго детство во некоја друга носталгија... блуз за милиот ислужен светец или варијација на тема – теоријата на релативитетот во просветлените животописи почеток... C-дур
„Или“
од Александар Прокопиев
(1987)
Никој од нас нема да заборави дека денес беше вторник, оти секој вторник во ноќниот клуб се свири блуз.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
...тој е во полумрак, до ѕидот, завртен со грб, делумно засолнет од масата со пепелник, кесе полно со јаболка и грамофон на кој се врти блуз.
„Или“
од Александар Прокопиев
(1987)