болештина (ж.)
Тој го стави српот на рамо, ги потпре тупаниците на колковите и се подисправи за да ја надвие болештината на крстот.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
И како што гние арското ѓубре од свои внатрешни и болештини и топлини распаѓајќи се и станувајќи храна за пченичното зрно, да вивне тоа зелено, така и од дневниот спокој вивнувала увереноста дека ноќите се кратки за да се искожурчи од вековите измисленото чудовиште и да стаса до нив.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Од големата болештина Силјан летнал како некој стршен и отишол на куќа, та си застанал на левата нога да ја плаче лошата болештина од скршената нога.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Еден шепотел дека сиромавиот премногу знаел за животот, него го учел од свети книги некој калуѓер, друг рекол дека ќе му ја земе на покојникот амајлијата од под гуша - земја од три рида в крпче, таа земја чува од болештини, трет со горчлив подбив прашал дали амајлијата го сочува старецот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Македонија како библиска земја беше седиште на разноразни чујни и нечујни матновидци кои ги исцелуваа напатените и очајни транзициони страдалници со телесни и душевни болештини за кои и медицината дигнала раце.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Во тој ист вторник, иако очајот и плачењето не стивнувале, жените, дури и оние самохрани леунки и трудни вдовици наполниле неколку карти со ракија од диви круши, од грозје и од цреши и натовариле на две магариња дисаги со леб и лук, па една по друга, секоја со запалена борина во рака, пошле да ги пречекаат последните од дружината; да ја плашат со оган и писок чумата или улерата, болештина што им била позната на дедовците, еднаш, којзнае кога, додека и пците бегале од злото и се јазеле по врели карпи далеку од сите човечки патила, и побеснувале, и станувале гозба на волчи свадби или се здружувале во глутница со ревење да ги заплашуваат чобаните и бачовите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Од ум ме вади болештината.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Секој си е зафатен со раната своја, со болештината своја.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Турчинките беа пријатни жени: ја слушаа со внимание кога им се жалеше на болештините.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ќе бегаш и - олеле, олеле, ќе викаш и ќе си дуваш во прстите од силна болештина.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Каде завршува пештерата на болештините? Кои шарки ја држат вратата од спили?
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Ги видовме помориите и сушите, чумите и болештините, пожарите и скакулците.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Во борделите се закачуваат други болештини, иако газдариците имаат пудлици и други миленичиња кои влеваат доверба.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Власта, онаа вистинска, го заборавила селото, ако продолжи вака ѓаволот ќе дојава на кобила од чии ноздри ќе капе болештина, чума или такво нешто, потоа ќе се лепи за добитокот и за луѓето, мислеше некој од нив.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
За да знаат дека од приморјето, од некоја гладна земја Арапија, ќе допливаат до нив накострешени стаорци со болештина во мочката и во лигите, ќе ги заземат во густи глутници куќите и трлата, ќе изгнасат и човечец и коза, сиротинска доилка.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Божем е мала скапијата, божем се малку болештините.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Фатил некоја болештина! Фатил сифилис! Ќе ни донесе колера!
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Многуте видовници на минатото претчувствувале чудовишта и претскажувале потопи и божји казни, но ни тогаш ни потоа не можеле да предвидат што ќе им ги сотре шумите - гладни туѓинци, гладни огнови, гладни болештини или самата нивна гладотија.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
И со насмевка што им била својствена само на најблагородните левантински филозофи што во своите мисли го ставале човекот над верите и над расите, бавно, со свиркање на воздухот од неговите гради помеѓу секој збор, објаснувал дека ниедна болештина не е посилна од возвишеноста на духот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Да, од такви болештини се поцрнувало, тоа можел секој да го знае, и тука не помага билје, таков лиснат или цветен лек не никнува од земјата, ракијата и лукот ѝ се смрт на смртта.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)