бричи несв.

бричи (несв.)

- Ножиња за бричење во неа држев па реков да ти ја донесам. Можеби ќе ја сакаш, а?
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Порано се бричеше на неколку дена, потпирајќи го огледалото на ѕидот од бараката во дворот за да му гледа подобро или одеше во берберницата за да ги почувствува барем еднаш неделно нежните прсти на фризерката која го бричеше жулкајќи го по лицето за да провери каде треба уште да помине со бричот или по бричењето да го намачка со мирис и помада.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Се бричи секој ден и облекува чисти кошули.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Кога се бричеше наутро, ставаше крпа околу вратот да не го испрска со пената од сапунот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Откако ќе проценеше дека бричот е доволно остар за брадата на дедо му, берберот го оставаше каишот и го фаќаше дедо му за вратот со левата рака, додека со десната започнуваше со бричењето.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Првиот брза пред другите двајца: - Ја зобаш ти народната мака и на оро, си со брадестиот јарец талјански и швапски и со сите твои и заслужуваш да те избричиме под грло не како што бричи селскиот бербер Кузман па сѐ влакна бијат од лице туку ќе те избричиме јас Мушмула и Сотир ниедно влакно да не ја пробие кожата.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кога во живеачката надоаѓа сиромаштијата широко зинуваат устите за мали залаци и погледите на луѓето папсуваат како оној на селанката од Пустец од чиј врзоп денеска никој не купи ништо - барем едно сунѓерче за миење садови, едно шише маслинов зејтин, една паста за бричење.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Отворањето на фиоките е рамно на отчкринувањето на волшебна кутија: смекнатата браон банана меѓу копчињата, виљушката до моливот, тој до кремата за бричење.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Почна секоја недела да се бричи, месечно да се потстрижува, та дури постојано и подвески да носи.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Има и електрична машинка за бричење! Би можел да се избричам!
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Се бричи и се стрижи зетот, иако утре пак „официјално“ ќе го забричи деверот за да не се појави небричен пред невестата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Така, на пример, ми станува јасно дека: - менувам долна облека со различно темпо: гаќите по два пати на ден, маиците еднаш неделно - подзаборавам некои француски фрази што некогаш солидно ги употребував, па наместо „trois heures moins quart“ велам „deux heures quarantecinque“ - бричењето наутро ми се одолжува на 40 до 45 минути - минатиот понеделник едноставно ми попречи постоењето на борот (засаден во дворот од татко ми на денот на мојата мала матура, пред цели 30 години) и морав да го дадам да се исече, зошто одеднаш паднатите иглички почнаа да ми ги затнуваат одводите за вода на покривот - не можам да догледам 60 насто од театарските претстави и 80 насто од филмовите, а опседнат сум од хорор сцените на ТВ екранот, во кои што ѕиркам до доцна во полноќ со глава пикната под дланките.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Не ме видоа; од еден пријател, во берберницата во која се бричев, дознав дека имаат и дете, и дека Земанек станал генерален секретар на Партијата, но дека таа партија ги изгубила изборите, и дека политичката моќ им опаднала; сепак, велеше пријателот, Земанек живее одлично како секретар на Партијата, а има и љубовница: некоја млада девојка која многу личела на Луција, кога била млада.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Цела недела откако Рози беше погребана, тој не одеше на работа и не се бричеше.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Пак и мустаќине ги бричел, како сега овде в град, та ела познај го.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Тогаш се сетив на отец Висарион кога го бричеше војводата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мозокот на Х се гледаше и сите љубопитници што чекаа на ред за стрижење и бричење се радуваа што ќе можат да му ѕирнат во мислите.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Брадата почна да ја бричи, а неговото тркалесто лице го красеше бујна костенлива коса.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
КАТА: Што ти знам јас од каде и од како. Нели ги бричат...
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Бистриме така граматика, политика, а ветрот нѐ удира в лице, нѐ бричи на суво. Ја ваби зимата ветрот и ни ги собира очите, ни ги сменува погледите, ни ги разменува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе