брмчи несв.

брмчи (несв.)

Таму се слушаше само брмчењето на мувите и шушкањето на срповите што внимателно ги сечеа стеблата на житото.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Цврчи во главата заедно со брмчењето на бубачките околу нас.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Петнаесет танцови друштва на пчели брмчат стотици тегли мед.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Тие беа толку навикнати на бучавата на камионите со приколки и на двокатните автотранспортери, што дење и ноќе одекнуваше на автопатиштата, но и на брмчењето на авионите над нивните глави, како и на далечната врева на фабриките, валавиците и леарниците, така што мораа да подзастанат и да ги начулат ушите за да ги слушнат, онака како кога сакаме да го слушнеме отчукувањето на ѕидниот часовник во некоја соба.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Постојано се фалат и ни брмчат како бумбари околу нас. Најпосле, еден ден тоа ни препука и ни здодеа.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Среде вревата ќе набасате и на такви кои вџашено допрашуваат дали слушате дека брмчат пчели и бумбари и дека тукушто не почнал нивниот заеднички десант врз Фиренца.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
II Денеска со нетрпение чекавме да влеземе в училница. Радоста нѐ скокотка и сите како пчели брмчиме и врескаме.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Целото попладне се искачувавме до гробиштата. Тракторот брмчеше и се занесуваше.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
„Само жестоко!“ вели слугата, плеснува со рацето; колата тргнува напред како дрво носено од водна струја, сѐ уште слушам како вратите во мојата куќа се разбиваат и се распрскуваат под налетот на слугата, а потоа очите и ушите ми се исполнуваат со брмчење кое навлегува во сите мои сетила подеднакво.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Младоста е оној недофатлив пладневен лет на бумбарот кој брмчеше низ твоите платна од жолтиот период, крај крушите паѓалки, над жолтите октоподи.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Вриеше од птици што црцореа, од страсното грицкање на вервериците и на пругавите верверици, од мрморењето и од брмчењето на инсектите.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Тогаш низ просторијата како во хор се разлеваа гласовите кои молеа да заминат од Гнездо: меѓу ѕидовите одекнуваше композиција за човечки гласови со молби, со жалби, со уверувања; се мешаа десетици гласови во таа композиција во која се испреплетуваа различни ритми, тоналитети, брзини, а помеѓу разговетните зборови одекнуваа и нејасни мрморења и врисоци, и чудесни звуци од штракањето на забите, од брмчењето со усните, од повторувањето еден глас, од имитирањето на звуци какви што можат само во некаков сон или некаков кошмар да бидат чуени, па некаде отаде зборовите се чувствуваше судбината на оние кои зборуваа, кои офнуваа, кои брмчеа, кои штракаа, кои мрмореа и врескаа.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Во секојдневните претпладневни звуци што го огласуваат животот во планината: црцорот на штурците и скакулците, брмчењето на пчелите и мувите, повременото шепотење на кориите низ кои мрзеливо се провлекуваше утринското свежо ветре, ѕвонежот на невидливите стада, - Бојан насети и брчење на автомобил.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Брмчењето што го слушна пред себе ја натера да застане на патеката и истиот миг виде една колибри - црвеношијка што брмчеше и се врткаше меѓу криновите, како некоја бургија што дупчи, оддалечена од неа колку една спружена рака.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Расеан низ логорите на северот каде што не се пробива ни здив од медитеранските ветрови по кои сега копнее и тој.  Во оваа студена пролет на надежната 1945 која го полага својот априлски вел презаситен со мириси на билки и брмчење на инсекти, онаму, надвор од тријажната станица во која на валкани чаршафи, пред очекуваното ослободување на логорот Берген Белзен - лежи Цви Корец.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Таа отиде во кујната. Брмчењето продолжи.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Костурот на авионот брмчеше и трепереше како харфа, таа музика го обземаше и него.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Стариот телевизор брмчеше на висечката полица, и луѓето, стуткани еден до друг, утешно ги вртеа главите.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Само што го слушнав брмчењето на нивниот автомобил прво што направив се втурнав право во нивната спална соба.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Од надвор допре брмчење на кола. Домаќинката погледна низ прозорецот и рече: - Тоа е син ми. Најмладиот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Повеќе