буба (ж.)
И некои црвени и царски мрави ги оставаат мравјалниците и некои црни и непознати бубачиња идат. Првпат видени и првпат сретнати.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Од секаде наизлегле бубачиња и сите бараат нешто некаде.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
По нозете ни се качуваат мрави и бубачиња.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Ракијата те стоплува околу срцето и после полека, ко некое бубаче-лазаче, ти шета по сите дамари.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
И беше сум заспала, ко свилена буба во кожурец.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Мајка како мајка: додека чека на компјутерскиот екран синот да ѝ дарува дневна доза најубави насмевки во кожурка од свилена буба реди сѐ што се крие во неа и саде се чуди колку бил замрсен животот и колку време треба да се раздипли сето што се збрало во кожурката од свилена буба.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
А надолу по жилите, вели, ми слегува некоја топлинка, некое топло бубаче ми слегува надолу, вели, и ме лаза по жилите, по коските.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Зар пишано е, си велев, кој не ќе загине од куршум, да загине од треска, вели, или од некоја мува, од некое бубаче.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
И убаво ми иди од топлинката, од бубачето, вели, сиот ме разотвора. Сѐ ми разминува. Ме раскопнува.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ги пуштаат ко бубачиња преку лицето свое. „Ах, Антонио Варгас Серевија со големото срце...
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Велеа: човекот не е птица. Авионите се за летање, а децата се за да викаат: Чичооо, пушти летки! Лет, лет буба маро...
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Бев во нижите години на осмолетката „Маршал Тито“ кога Бубите од Ливерпул го испеаја својот реквием. Беше тоа мелодијата „Облади-Облада“.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Околу нас цврчат некакви невидливи бубачиња и здодевно ни стружат во ушите.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Прозорецот е - за да не се излегува
од дома, да се гледа и гледа - надвор,
а таму, веранда и бездна
голи разгалени стебла
есенска гримиорна
светлина во одблесок и процес
секогаш бледа налик на покојник
и лизгава како ползавец
и скотна како бубачка,
па лазе, подлазува
лази буба, лазибуба, апи апи аап...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Почна Цанул да бара кожурка; бараше и овде и подалеку, но никаде не можеше да најде кожурка во која има две свилени буби.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)