бучи несв.

бучи (несв.)

а надвор веќе почнуваат да паѓаат снегулки, ветрот само ги врти во воздухот, ги пушта и ги втасува, одново ги завраќа назад, си игра шукшуле, што се вели, ги развева како цут од дрвја што се кубат, кој ќе пушти глас, ќе го наполни морето, ни викаат и бродот застанува, а ние молчиме ко глувци во дупка, ги слушаме само чекорите озгора, одат над нас небаре на глава да ни газат, и бродот одново тргна, сега можете и да пеете, ни велат, кај се пеело пикнат в дупка, си велиме, отсекаде бучи клокоти, и гледаме надвор, снегот си навева и се топи, се губи во водата, ако запреме во Костанца, ќе нѐ водат во Букурешт, си велиме и приѕираме во ширината што ни ја затвора снегот, и Костанца ја изминуваме, нѐ водат право за СССР, не ни заспала среќата на сите, вели Апостол Макаровски, сите со нечија среќа се шверцуваме, вели, ќе му украдеме уште некој ден на господ, и почнува некој студ да ни влегува низ процепите од бродот што се отвора однадвор.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Чудно, по радосниот, празничен ден, јужниот ветер, влагата што ја носеше тој, постојаното бучење на шумата, вселија во душата на момчето немир, нестрпливост, раздразливост.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Одѕивот од пукотот во долината стивна и пак се заслуша бучењето на реката која спокојно го продолжуваше својот пат.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Ми подигруваат некакви скокалчиња во воздухот и од секаде ми бучи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Уште долго време ми бучеа ушите од цркотниците на пазарот.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Си мислам така и пак го слушам бучењето на планината.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Зад него остана бучењето на дивата рекичка, старата камена воденица и чудната домашна драма на стариот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Реката бучи и половината нивни зборови ги однесува.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Реката бучи и половината нивни зборови ги однесува.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Само го потсобирам здивот и го наслушувам бучењето.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мене ми се пресекоа нозете. Почна да ми се врти во главата. Во ушите ми бучеше и сиот се растреперив.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Првин почна со некое бучење оздола.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Потоа поседе на завет пред колибата, на она трупче пред прозорчето, слушајќи го едноличното бучење на ветерот, тажното крцкање на буките и плисокот на водата што течеше од стреите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Над нивните глави, на небото често бучеа авионите, одоздола можеше да се почувствува тресењето на земјата од тропотот на возовите и камионите што се движеа по мрежата на железничките линии и автопатиштата, и челичните и цементните краци на индустриските гиганти сè повеќе ги проголтуваа, а само од преживеаните соседни шуми птиците од фармите и другите живи суштества, кои ги исполнуваа бавчите на семејството Адам, беа еден вид природна заштита за да не се скине папочната врпца на човекот со природата и нејзините мистерии.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Штом ќе почнеа да зреат крушите, на гранките слетуваа илјадници врани и чавки. Крушата потемнуваше и бучеше како кошар.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Најпрвин не ги разбирал. Во него несовладливо бучела крвта.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Реката бучи долу Папањ и ги напива ливадите со студена планинска вода, додека овчарите ги прибрале своите стада еден крај друг поблизу, да можат да си помогнат и ги фатат дојниците да намолзат млеко, та и тие да го прават Велигден в планина.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Горе бучат и вијат буките. Од големиот студ - трештат и пукаат стеблата.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Почнува да бучи планината, озгора надолу да бучи.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Дојдов и јас на ред. Се гледам заслабнат, ушите ми бучат, аливцата се мавтаат на мене.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе