вешт (прид.)

Со многу среќа и многу вешто проникнувањето во мрежата на оваа светска тајна, можеш да се испресукаш низ “иглените уши“ преку кои се влегува во палатава.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Продолжуваше да живее во мојата свест, со вкусовите на кашите на сиромаштијата, на потпеченото тесто, извиено во чудесни форми од нејзините вешти прсти.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ја стружам ампулата полна со безбојна течност и вешто го одбивам со нож нејзиниот игличест врв.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Стана плен на лакомост и гордост на твојата икона, лажниот светец суетата вешто го зароби духот исто како непрогледан слепец Стадото на лукавиот сѐ повеќе расте и неговиот пат е простран и широк а животот страстен кога ќе спласне ќе тонеш во мракот духовно сирот
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Потоа ги редеше на четвртести парчиња восочна хартија и вешто ги завиткуваше во неа.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
На мал простор од овој роман, благодарение на вешто водените наративни стратегии кои ги користат искуствата на традиционалниот и постмодерниот роман, се покренуваат некои од клучните теми одбрани од корпусот на интересирање на балканскиот човек кому типолошките карактеристики на ликовите и на ситуационите модели по мерката на препознавање му се најблиски, но би било погрешно да се разбере Бунар само како водич за балкански менталитет и да се чита како што се читаат Андиќевите дела за да се разберат причините за балканските судири.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Второстепениот суд ги уважи двете жалби и го врати решението на повторно разгледување на првостепениот суд, наведувајќи дека од наводите на вештото лице, се гледа дека треба да се извршат други вештачења: да се проври од стручни лица или установа какво е тлото на кое лежи куќата, неговиот геолошко-технолошки состав и колку тоа влијае на нејзиното пукање.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Тоа се типови луѓе кои најчесто се вработени во институциите кај овие првиве, а нивната главна особина е длабоко да пенетрираат кај нивните претпоставени задници со што ќе успеат да се одржат на позицијата во која се дочепале и притоа да не дозволат на конкуренцијата да им го заземе нивното место, а најчесто служејќи се со своите вешти кодошко-лакташки особини секогаш ставајќи му сопка на соперникот и увек гласајќи за партијата која ги убутала на тоа работно место.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Но тоа беше вешта сенка на вешт провалник способна да живее самата за себе иако тоа не го правеше.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Не покажува ли тоа оти пошироки реформи од оние што ни беа дадени ќе можевме да добиеме и без револуција, а само со вешти, мали народни движења?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
„Ете гледаш, чедо мое, зошто пречесен отец Стефан не можел да го реши записот од прстенот на логотетот, иако во ука мошне вешт е и надарен: затоа што за него словата сочинети се од зборови, а за мене од гласови.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И покрај сета бесмртност трошка леб молам ('Лебот се гледа со очи!') еден добар, една добра, едно добро за душа на оној кој ја презира златната средина оној кој се чувствува удобно во сопствената природа и лебди леко, глатко глето клепка врз клепка - лебедова свила по рабовите на смртното случајно жив фанатично осамен благодарение на предрасудите за природното и вештата заблуда дека живее во заедница а не сам, самотен!“
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Вешто се ракува со јазикот на економијата.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Сѐ остануваше измешано и таинствено во густата балканска пајажина. Големите пајаци вешто се сокриваа.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Она што го градат тие, се знае дека е изградено како што треба, од вешти раце раководени од мајсторски умови.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Земјата ја изгазија така вешто што не можеше да се познае дека има здола скривница.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
А Татко со вештото свртување на кормилото ни се чинеше оти го мами змејот.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Во жалбата наведе дека вештото лице кое изврши увид, дава свое мислење само околу тоа колку е оштетена куќата а не и кои се причините што довеле до оштетување на куќата; дека вештото лице самото наведува дека не е стручњак по ова прашање; па спрема тоа, треба стручно лице да даде свое мислење за причините што довеле до пукање на куќата, зашто има и други куќи во селото што се на иста или приближна оддалеченост од каменоломот, а не се оштетени; што се однесува до сведоците: тие тврдат дека пред употребата на експлозивот, куќата не била напукната, но не можат да тврдат дека тие пукнатини настанале токму од експлозиите или од нешто друго.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Старомодната религиозна демонологија и лажниот патриотизам вешто распрскани преку телевизиските екрани, ги заменуваат рационалните дискусии на одредени теми.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Навистина жалам дека не сум вешт во резбарството; немам фат за да дотерувам и да создавам форми од кои на штотуку одомените домаќинки на нашите новородени големци ќе им застанува здивот.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Повеќе