вкусен прид.

вкусен (прид.)

Во време на глад и војни, кога била големата светска економска криза, јадеа леб месен од брашно со варени компири, кој им бил многу вкусен...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
По нив остана само една црна крвава паласка во снегот и неколку расфрлани прамени волна, а уште еден раненик, кој не беше толку умен или кому му беше повредена токму таа жица од инстинктот да молчи, заминуваше со бесно и продорно аурликање кон шумата, насобирајќи ги по себе сите тие глади и раздразнувајќи ја уште повеќе со својата вкусна животворна крв стрвната сурија во сета нејзина безбожност.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Потоа тие вкусни нешта беа темелно излижани со јазиците на учесниците во претставата, со стенкање и подждригнување над блуежот на оној што лежеше на нашите раце.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Ние имавме многу компири и беа многу вкусни.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Најпосле ја изеде црешата, ја исплука семката и откри уште дека таа цреша е и многу вкусна за јадење.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Нашите театарџии, не само што не можат да го условуваат своето гостување, туку треба и да се плашат, наместо топла и вкусна супа од опашка од вол, да не добијат рогови за чепкање на забите во кои одамна немаат складирано ниту трошки од богата софра.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Стигна и стјуардесата со оброкот, па така весело и вкусно ги минавме преостанатите минути од летот, додека нашиот автобус со крилја не се спушти на виенскиот аеродром.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
На сите лица радост, опијанетост од убавината, од средбата, од миризбата на вкусно зготвената манџа во казаните што испарува.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Неговата маѓепсаност од надареноста на мајка ми, особено во кулинарските вештини, ја имам забележано од поодамна, всушност од оној ден кога по конзумирањето на убавото парче од Пасхата што ја беше приготвил татко ми за Воскресение, Лев Петрович очигледно задоволен од вкусот на празничниот колач изјави дека некогаш некој ако предложи да се постави или да се изнесе на пиедестал она што е најполезно и остварува највредни резултати во секидневието, тој без двоумење ќе се заложи тоа да бидат рацете на жената што умеат да создадат толку многу вкусни јастија наспроти трапавите и секогаш лошо приучени мажи кои на животот и не му прикажале ништо друго покрај она нивно необмислено незадоволство што неконтролирано го истураат насекаде околу себе.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Па, како можеш да очекуваш дека овцата нема да биде вкусно јадење за месојадецот. Таква е природата, сурова.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
А сиромасите прават од нив коркутка, вкусна густа чорба - тоа им е главно, а често и единствено јадење.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
На терасата имаше повеќе скари за станарите од зградата и голема трпезарија комплет опремена, каде што ја јадевме вкусната риба и пиевме вино од регионот.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Устите и рацете им се замастуваа, но не се бришеа уживајќи во вкусното месо.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
- Не е здраво да не се јаде месо. Не е здраво за телото. А копаните се вкусни.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Ти веќе нема да го нишаш моето чедо; седејќи под убавото дрво во овоштарникот кое дава храна и сенка, веќе нема да те полнам со вкусни плодови.“
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Со штавел и киселец е! - го фалеше дедо Алексо зелникот, но тоа воопшто не му беше потребно, зашто двете момчиња веќе го голтаа вкусниот зелник.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Вкусни мали суви колачиња.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Со малку сиренце, она убавото, жежено што се вика, и што се прави со усвитени камења што се ставаат во овчо млеко, и со понекоја голтка водичка од стомнето, ги изедоа печените компири, убави, вкусни какви ни на царска трпеза не можат да се најдат.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Чувство на евтиност, како изрецкана конзерва од грашок чија испразнетост тркала сирови зрна во туѓите стомаци, не оставаше премногу простор кој може да се иполни со вкусна, топла чорба.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Тројца од нас братучедите, односно јас, мојот брат Тома и братучетката Целе смисливме начин како да дојдеме до вкусниот локум.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Повеќе