влечка (несв.)
Некој влечка, забавува, неодговорно се однесува, нема почит кон времето.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
Го знаев напамет ходникот и мајсторот за варосување кој влечкаше дебела скала.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
Кога се дигна димот, во дворот лежеше еден од заптиите, а двајца се влечкаа кон ѕитчето за да се префрлат кај здравите пак на своите места и да го фатат метеризот.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Нешто се влечкаше по земја и сите шумови брзаа да стивнат и да се разбегаат од страшното дишење на пустината.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Некој на рамо, некој со волови влечкаа во селото греди и дрвја за да ги поправат пак куќите.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Затоа одеа по Трајанка влечкајќи се и гледаа назад двоумејќи се дали да останат и тие или не.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Го лажеш детето и го влечкаш по тебе.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Ме влечкаат за нозе ко мачка за опашка.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Не знам колку е целисходно и понатаму да го влечкаме низ нашите канцеларии овој навистина непостоечки случај.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Нозете ни беа тешки и одвај ги влечкавме, од глава до петици бевме полни со вошки.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Кога видов дека има уште многу од патот се разочарав, останав уште малку да размислам, бев малку заморена бидејќи се влечкав по стомак, а торбата со преврски и другата опрема речиси не ми беа ни потребни зашто само ме изнамачија.
„Три жени во три слики“
од Ленче Милошевска
(2000)
Јасно беше дека таа каса е плод на генијален самоук но, сеедно, можеше да му донесе на Мануша непознати маки иако тој со години мрзоволно се влечкаше по зафрлени браварски работилници.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Се сеќавам, во време на Панк наездата, еден мој школски другар целосно предаден на ерозијата на музиката, потрупан со амблеми на декадентниот рок, пред портата, на тогаш единствениот, универзитет во нашава Македонија, со цинична насмевка ме извести дека факултетот го влечка со години затоа што не може да се разбуди на време и ги преспива испитите.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Зошто мислиш Французите влечкаат Арапи по нив.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
И се влечкаше нагоре, на колената и на рацете; снегот како да беше направен од големи тврди скрупци, од чијшто студ набргу во неговите подноктици му се всади и една гола бол, но тоа не мораше да биде забележано со некакво особено внимание, додека заминуваше со лицето во тој снег, бидејќи дланките можеше секогаш да ги замени со лактите и да продолжи да чекори и на нив.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А празнината ќе продолжи да се влечка по тебе како празен ракав.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Патрокле се намести добро на веленцето што го влечкаше со себе и одново се предаде на своето брборење.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Децата, заумени, по едно време станаа и тргнаа надолу влечкајќи се и ни самите не знаејќи како ќе му пристапат на Мартина.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Ги влечкаме за нозе, за рамена и ги редиме еден до друг, еден на друг.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Козата ќе вреска, ќе клоца, а ние ќе се држиме за козината, за вимето и ќе се влечкаме низ шумата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)