врапче (ср.)

- Доброутро, здраво-живо! - поздравува врапче сиво. - Доброутро - поздрав врел ви испраќа гулаб бел.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Старецот престанува да свирка како врапче и почнува да урла кон насобраните луѓе.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
На едно дрво се ниша сува гранка од едно уплашено врапче што стои како шикла и не знае кон кај да летне, кај да избега.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На прв ден Божиќ пред да отидеа в црква и пред да се омрсеа, секој од домаќинството добиваше по едно врапче.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Војната е како јастреб што ќе се спушти врз народот како врз јато кротки врапчиња и ќе ги разлета на сите страни...
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Оној старец што свирка како врапче ќе го растргне волк.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Врапчето стоеше згушено сето и само со очињата мрдаше.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Тој час во прозорецот удри со писок изгладнето врапче.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ако ви се случило некогаш да сте избегале од дома и првата ноќ да ве затече сред опустени бавчи, каде што шумот на ветерот ви се причинува како сподавен викот од многу гласови, ќе разберете зашто на Мечета – така се викаше тој – сега му тупка срцето како на врапче затворено в клетка.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Мене нешто ко врапче ми првнува овдека вака.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И првнаа тогаш врапчиња и косови од грмушките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Едно од врапчињата одово летна кон багремот; беше сето тркалесто со малечка глава и полуотворено клунче.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Со раце ја исфрлува земјата од дното на ровот и во тој миг во ќошот забележа врапче.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
На средниот багрем во лисјата белузлави од прав, неколку врапчиња пролетуваа од гранка на гранка.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Пијаниот гробар си го исекна носот, а на црквинската црешна почна да црцори врапче.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Врапчињата ги оставија стреите на селските кошари и копите со слама, каде што цела зима се тресеа од студ, и излегоа на слобода да ги бркаат бубачките и да прават меки седелца, во кои ќе ги одгледуваат своите мили рожби.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Пусти Силјан тогај дури се сетил оти штрк е и може син му да го удави и умре, ако не беше му свикала мајка му на Велка да го пушти од раце, и умирачка ќе си го најдеше, чунки можеше да го врзе Велко со еден сиџим за нога и да си игра со него, како што си играат деца кога да врзуваат врапчиња и чавки.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Срцето ми биеше, бев врапче кога тропнав на вратата од професорската канцеларија.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Погледна нагоре и го здогледа врапчето.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Телето само тупка со копитата, врти со опавчето, ко ѓаволско врапче мрда со опавчето и ја шиба кравата во вимето. А вимето празно, не се полни без пасење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе