врвулица (ж.)
Станав и ја подавам главата низ прозорецот: гледам во врвулицата што се источкува покрај возот.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
кај станицата синџуку во токио тој петок, да беше петок, се собираа педери кои во јазикот на новото време се именуваат како хомосексуалци а нивните паради се именуваат како геј паради и навистина чиста случајност е што токму во геј улицата близу станицата синџуку во токио имаше многу бездомни кучиња, мала парада на бездомни кучиња кои никаде не брзаат а дишат испрекинато и кога зјапаат во минувачите и кога се клецкаат, да простите близу станицата синџуку се наоѓа градската куќа на токио вообразена и вообличена како бетонски нотр дам баш тука како да се разминав во врвулицата со професорот кензо танге арно ама не стасав да го поздравам од пријателите од скопје професорот кензо танге кому во токио сите му се поклонуваат сигурно горчливо ќе се насмевнеше ако успеев да му го спомнам скопје тој и онака севезден се смее, се смее и на легендата дека токио и цела јапонија се создадени од божјата насмевка и онака низ смеа професорот кензо танге кај станицата синџуку во токио шутна една празна лименка од пиво а знаеше дека го шутира испиеното минато како што знаеше дека син му кокомо кога тогаш во токио ќе сади нови јајца и на врв јајце ќе се насладува со цедени насмевки и ќе ја ишка секоја идна катастрофа пред да удрат ѕвоната на бетонскиот нотр дам.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
По тесната патека се влева цела врвулица – коњи, мазги, носилки.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Луѓето од Езерец уште од зори се приготвуваа да одат во манастирот, да му запалат свеќа на светецот, да му се помолат и да купат нешто на панаѓурот; во селото врвулица: излегуваа луѓето од куќите, се меткаа по дворовите, се собираа и тргнуваа; секој носеше по некој дар за манастирот: овца, коза, теле; тие што немаа добиток, плачки: кошула, риза, чорапи, бовча, шамија; рикаше добитокот по патот, луѓето се довикуваа, се причекуваа да одат заедно; помладите одеа пеш, а постарите и децата качени на коњи или магариња; некои одеа со чунови по езерото во кои имаа изнаредено плачки за спиење и храна - сето личеше на некоја преселба, збег.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Ете кај го кутнала ракијата, а ние за влакно ќе го смачкавме! се свртува кон децата свои, одејќи Одам со ковчегот, а вие поделете си ги другите пљачки! и замина натаму, низ врвулицата.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Бошко заедно со Калија одеше на чомлек пазар по урда, и на балук пазар по сушена риба, се туркаше и во врвулицата пред фурна каде што целото маало носеше разни јадења за печење, од лебови до тави гурабии и татлии, ама заедно со чиракот од дуќанот на Марко, им носеше јадење и на Марко, и на самарџијата Димо, бидејќи мајка ѝ на Калија, како и свекрва ѝ, беа дамна починати, а таа прекриена чинија со цедило везден му ја грабаше на чиракот, и самиот, напрегнат, ја носеше истурена напред, како да носи цел товар леб и сирење, грав или јанија со јунешко која не смее да се плисне или, чувај боже, да се истури.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Беше недела, ден на викенди, кога се упатив кон Халкидик. На патот - врвулица од коли.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Па сепак, и во таква врвулица чаушите ги видоа токму нив, и рекоа дека за нив не е дозволен влез во бањата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)