гламна ж.

гламна (ж.)

Искри ми прскаат ко гламна да удрил некој од земја.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мртви и темни сурови гламњи скршена гранка маслинка!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Некоја гламна ќе потпукне, ќе ги подзабришам очите од чадот и пак ќе прилегнам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Неколку ноќи ги демнела стадата и бегала пред пци, извици и блескави гламни.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Драго ми е што јас ќе се спасам додека сите свои ги гледам веќе согорени, како гламни поцрнети од огнот.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
И кога се скри сонцето, кога се замрачи убаво, војводата го крена ќумбето полно со жарје и со гламни.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Го исчука на една гламна, го извади од џебот ножот со чклен врзан за појас, го иструга лулето одвнатре и го прибра во џебот од џамаданот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Си велев: Прениско е ова место за да се стигне навреме да се стигне пред гламната да прегори пред виделото да нѐ напушти за да ѝ се врати земеното на земјата: вода, оган, крв.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Кучињата продолжуваа да лајат, а тој им подвикна и ја фрли гламњата што уште ја држеше в рака.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Ќе замали огнот, а ние ќе ги пособереме гламните, не го оставаме да згасне.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Таман Коте го палеше лулето со едно гламче извадено од огништето кога некој засенчи на прозорецот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Но кога пропеале трети петли и ко почнало да се разденува а Бошета уште го немало да се врати, стрико Никола сиот се вомјазил да не му се сторило ништо лошо и заедно со стрина Николица и со Атанаса ги разбудиле сите домашни и сите зедно, со запалени вивки и гламни, истрчале на срецело и надале гласови, троа навистински троа од навал, за сите да чујат каква нова несреќа ги снашла и да тргнат да го бараат Бошета.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога пред пролетта почна да се топи мразот, секој момент загрижен, тој ги обиколуваше скелињата и насипите. Понекогаш и ноќе со гламна во рацете.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Ја врза кучката со јаже преку вратот, зеде в рака една разгорена гламња и претпазливо излезе во студеното зимско утро.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Тврдеше дека Доста ја кладе на жарот да се пече како риба, но благодарејќи на гламните, не се запали.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
А мораш и огнот да го чуваш, да го криеш во некоја гламна, запретана во пузата, во пепелта.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- А со кого да се видам, ќе му велам, кој сака да гледа гламна опалена и прегорена, ќе му велам, ама не можеш да му докажеш.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Пред да тргне кон плевната, каде што се слушаше блеењето на овците и мукањето на кравите, уште еднаш влезе во колибата, ги спотна гламњите во огништето и стави една цепеница врз нив.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Стои само гламната негова.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сѐ уште ја држеше разгорената гламња во рацете, сѐ уште очекуваше изненадување, па ја фрли гламњата дури откога се качи на чардачето и од високо убаво ја разгледа околината.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Повеќе