двапати прил.

двапати (прил.)

Броев и видов дека двапати го спомна, вели.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Лабро без да чека двапати да му речат, го одврза учкурот и со едната рака, држејќи ги шалварите, а со другата рака ...., се истопори пред ѕидот и од лево кон десно, па нагоре и надолу, го мочаше знамето.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
— Не знам, внучко, — вели дедот Карабуклија, — ама петлите се пеани, еднаш или двапати, не ѝ стори дикат. Сега ќе излеза надвор на малата врата и ќе вида.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Автоматизацијата и механизацијата на најважните процеси во оранжериите овозможуваат да се зголеми близу двапати продуктивноста на трудот во однос на досегашните норми.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Билјана не чека да ѝ се рече двапати. Седнува меѓу мене и старецот, го држи цвеќето в рака и чека.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Превезот на темнината бавно и еднолично се лулееше на нејзината снага и само еднаш или двапати ѝ ги подоткри малите боси стапала по кои како да се беше нафатил румениот прав на залезот.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Решена да одам напред по секоја цена На полна месечина Во последна мена На моето присуство му нема смена, знаеш и сам А долу под мостот валкана река тече без срам Упатувам поглед да проверам дали чека на нашата судбинска средба Мерам, премерувам, двапати мери Еднаш скокај Нашево некогаш немаше споредба Минаа годините кога заљубени мислевме дека овде е вечноста овде е рај По силата на гравитацијата понесена дознавам дека овде всушност е нашиот крај 2005
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Се зарадував што над нив, лета пердувеста и синкава фигура на ангел со гулабови крилја и со мазно лице слично на ќерка му на даночниот инспектор заради која коњичкиот капетан, женски подвижен во полните колкови, минеше двапати дневно низ улицата.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Утредента Сиве не отиде на работа в планина, но купи цело кило пченица и на двапати по осмак ја однесе на воденицата и до вечерта донесе сто оки брашно.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
А малку му е и двапати да го отепаш.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тој двапати го заврте клучот зад себе во темната соба, а таа ги фрли кошулата и градникот на подот, минувајќи со раката преку влажната брадавица.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Тие не чекаа двапати да им се каже.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Тој плесна двапати со рацете и му даде некаков ишарет на слугата кој веднаш се појави.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Како било и што било, што се прават тамошните луѓе штркови, другаш ќе ви кажам, браќа им рекол Силјан, сега згора-згора ќе ви кажам оти и јас се сторив штрк на двапати и едно цело лето сум ви седел овде на нашава куќа и сум патил триста маки; арно ама не верувам да ми верувате оти сум бил штрк.“
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
На овој пат двапати нагазивме на заседи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тука е изграден нов плоштад и еден дел само двапати неделно се користи како пазар.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Двапати го продаваа и пак се враќаше дома. Од преку седум села се враќаше.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тоа биле поцрнети и исушени луѓе со опаки очи и без насмевка; некои од нив, со завиткани шамии и крпи околу главите и рацете како воскреснати чкулави Лазари што знаат дека само двапати се живее, се сеќавале на вчерашниот живот и на мракот во тој живот потежок и од умирачката, на тоа химерно џвало на кое ни стробјак ни џуџе не му бега, но светлоста на утрото обилно доаѓала од исток и ги бришела од очите на призраците суровите сеќавања.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Зар неа да ја увредам? Па таа двапати идеше во Стрелеско кај мене дома да ми носи апчиња. Не сум јас без осет.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Во мускулите, од рамото до лактот, боцкаат тапи иглички и длетото на двапати му падна од раката, која започнува да ја губи својата способност.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе