делкан (прид.)
Водата во изворчето беше преградена со голем бел делкан камен.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Поштарот не почука веднаш, постоја пред големата порта засводена со четвртасти подеднакви по димензии блокови делкан песочански камен.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Работеа во Грција, градеа некаков санаториум крај маслинките на едни стари гробишта, подалеку од градот, ѕидаа повеќе зданија, а оној работеше на сонцето од сите тие денови, ги дигаше како од шега сите оние огромни блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да расцутуваше на сонцето на тоа лето, беше постојано среќен и широко насмеан, со сите нив околу себе, со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори нешто за секого од нив со оние огромни пегави и црвено издамчени рачишта да им помогне, а при тоа и да им се насмее со она свое големо лице, на кое постојано зрееше едно огромно задоволство со себеси и со сите други доста поситни од него луѓе, што се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешки несмасна шега.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Воздивна со извик. Низ пукнатината на делканата оревовина со извик.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Селаните одамна пожнаа, овршија и го прибраа житцето во амбарите, направени од букови делкани штици.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Куќите градени од делкан камен и над секоја врата табличка која во зимскиот период, кога работи жичарницата и илјадници скијачи тука доаѓаат од цела Грција, нуди соби, разновидни специјалитети од домашната селска кујна, а најмногу повикува на грав и секакви пити.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Хрушчов подзапира, си го враќа предниот чекор на делканиот камен, се врти и гледа: две жени се борат со глутница полицајци.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Па сега имаше и свое дуќанче: препродаваше делкани работи. Од едни купи, на други продај.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
На петнаесет дена пред Митровден, народот што ја минуваше Жепа преку греди, малку погоре од градилиштето, забележа првпат дека од обете страни на реката, од темносиниот камен од шкрилци, се задава еден бел мазен ѕид од делкан камен, преплетен од сите страни со скелиња како со пајажина. Оттогаш секој ден растеше мостот.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
И пак Татарот се обидел да го повлече кон коритото од делкан бигор. Еднаш и двапати.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Мостовите ги градевме со делкан камен; и сега во ушиве уште ми одѕвонува глетото и чеканот кој милиони и милиони пати ќе чукнеше додека еден мост направевме; еве и прстиве од левата рака ми останаа манливи, ми останаа собрани од држење на глетото.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Калево е наоколу обиколено со длабок канал изѕидан од делкан камен, а дрвениот мост, кога ќе затреба, се крева на чекрек и така станува заштита пред портата. Умно смислено.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Дво и трокатни куќи, градени со делкан камен, бели фасади, сите куќи поврзани со електрични и телефонски жици, бензинска пумпа, кафеани, аптека, улиците под асфалт, градинка, основно училиште и гимназија, многу патнички коли, трактори, комбајни.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Низ пукнатината на делканата оревовина ги виде сите живи во селото и оние што се далеку по светот, насекаде, преку големи реки или преку мориња со непознати риби и треви - чекорат, ги затвора круг во рамка на безизлез, се враќаат, остануваат по патот по дел од себе, потоа со згрченост ... гроб ... пепел; од нив остануваат само очите да ја бараат целта; распослани насекаде, тие се цветови на црна пролет.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Пред влезот во селото, лево, над патот стара православна црква, градена со делкан камен, половината в земја.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Дворот сега е скриен зад високата дрвена порта од делкани штици.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Убав свети Ѓорѓија, колку блеска овој делкан камен!
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Но - што? И Иса-беговата џамија, подигната од син му, по смртта на Иса-бег на Лебното поле, како негова задужбина, и таа џамија беше убава, изградена од делкан бигор и редици тули: две од куполите ѝ беа покриени со олово, а имаше и трем со столбови врз кои стоеја помали куполи.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)