дира ж.

дира (ж.)

И држете се за вчерашната дира.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се оддели од дирата и зачекоре на десетина чекори од неа, напоредно со неа, продолжувајќи да ја следи во истиот правец, но внимавајќи ниеднаш да не ѝ се приближи и не испуштајќи ја од погледот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Трите кругови копно на млаките беа поврзани со црни врвици, тоа беше дирата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Дирата под него се продолжуваше до средината на таа долка, а тука таа се изгубуваше во неколкуте црни паласки копно на млаките.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Затоа тој не можеше да не ја прими и како предизвик кон себе, таа длабока дира во своите нозе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Го пуштија на местото каде што сѐ уште постоеше дирата од сламарницата на која спиеја со бабата и внучињата.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Меѓу стеблата во снегот стоеја вдлабнатинките од испаѓаниот окит, како единствени измешани дири, што покажуваа дека тука наодамна поминал со својот палав чекор на заводник тој јужен ветер, а потем отпатувал натаму во длабините на шумата, од каде што сега, заедно со она трубење, се слушаше како понекогаш прикрцкуваат гранките, кои сосема им се подале на неговите топли игриви прегратки, така за тој да може дури и да ги однесе на својот пат и остануваа скршени со онаа слатка болка на трудницата, или пак продолжуваа ритмично да го повторуваат своето занесено стенкање.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ја гледаше дирата што ја оставија по себе оние двајца.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Додека стоеше крај дирата, загледан во прекрасниот ден за лов, во чијашто мека виделина дрвјата беа огромни, воздушести и бели, и во кој владееше една прекрасна тишина под млечнобелото зрачење на небото, Змејко, и не мислејќи на тоа, си ги исцрни со неколку јагленчиња од кибритот своите подочници, а после, кога очите можеа слободно да гледаат по таа светната белина наоколу, тој мирно ја допушти својата цигара, - една од ретките цигари, што ги палеше само при некој свој празник, - а потем го настега магацинот од својата долга француска пушка со фишеци, ги престегна опинците и замина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А таа спужена бразда, таа ораница во снегот, што можеше да биде здогледана уште од далеку како ја сече неоскверната бела зараменетост на снегот од крај в крај по самата средина на долината можеше да биде само една сомнителна дира.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се потргна доста настрана од дирата; знаејќи дека сега тоа беше многу повеќе потребно, отколку при првата средба.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но, колку повеќе се искачуваше по ричката, зад која беше долката со млаките, кон кои водеше онаа дира, толку почесто здивот почнуваше да му се напнува.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
После можеше само уште да гледа по она црно клопче, што стануваше сѐ помало во одалечувањето, тоа просто како да се лизгаше по својата дира, сѐ додека не виде како еднаш исчезна меѓу стеблата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
За да можеш да најдеш една таква дира веднаш првата утрина по превртувањето на снегот, многу често треба да изодиш безброј шуми.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Зачекоре по таа длабока дира, по неа навлезе и во шумата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се најде себе си закопан над колениците во снегот, крај дирата, која полека, трпеливо ја полнеше врнежот. Помисли: Си нашол по кого...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А така, изненаден, самјакот можеше многу лесно да се впушти по истата дира назад и притоа и него да го собере пред себе со оние свои заби и само додека трепнеш да го разнесе по снегот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сега беше многу потешко да се чекори, при секое пречекорување пропаѓаше до половината во тој мек снег, беше заздишан само по првите стотина чекори, но тоа беа правилата на таа игра и она, што можеше досега да оди по дирата, беше само една олеснителна околност за него.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сега, додека стоеше пак на прозорецот, загледан во веќе речиси зарамнетата дира на оние, што заминаа, на Змејко пак му се стори како да го виде тоа зачекорено човече, поклапушено од високата јака на кожниот ќурк и пак ја сети во себе желбата нему дури и да му намавне.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тоа целото се изгубуваше во длабоката дира, но чекореше пргаво, а од лицето му се гледаа само двете сиџимки од вршковите на мустаќите.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе