длаби несв.
длабина ж.

длаби (несв.)

И копа, длаби, гризе копнежот...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Врз растурените ѕидишта на сенките Во боја на портокал Летот длаби крај.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Не требаше татко ми повеќе да длаби во сеќавањето за да дојде до нови докази дека некоја од пештерите во утробата на Калето ќе му биде гробница на Чанга со козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Имаше впечаток како сѐ околу него да набабрело и прокапало, дури сега можеше да ги види и да им се радува на покапаните капавици од својата стреа, што се цедеа во густи шурки и ја длабеа белината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во една есен студениот ветар со сврдел го длабеше нејакиот плитар на нашата куќа. Трипати се прекрстив.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Со врвот од моливот длабеше дупки во дрвото од клупата и нервозно грицкаше праменче од косата.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Денот ли дојде тој да се мери - мерка му нема, а в градите длаби без да се запре, без дно да најде не тага а клетва, и во очите матни и не сакајќи сама се дига фуријата.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
18. Времето се грижи за зборот зборот што го обновува Тој што му длабеше во корењето го гради доградува и виши во куќата на светот Вербата штира не е Ни неверен е зборот Убавината да му се верува на надежта е врсник И онаа земја иловица густа раката што му ја памети се врти врти и понатаму во лика нова нудејќи ја светлината нова на говорот ризата небесна нитките што ја ткаат на несвенатиот збор И уште и натаму сега од пределите на глината над запомнатата стреа продолжува тој кон муграта да гледа со стрептеж незгаснат за повтежот на говорот да го досегне реченото
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
Можеби настаната од потребата да се поттикне јунаштвото кај борците; (нели, се зборуваше, откако успеал да ја протне бомбата низ отворот на бункерот, тој со своите гради го затнал тој отвор низ кој митралезот го бранел влезот во рудникот) а притоа творците на ова тврдење изумиле дека приказнава може да втаса и до ушите на тетка Боса Сотирова и дека тогаш јунаштвото на Благоја нема да е поттик туку ќе претставува бодеж што ќе длаби во срцето на несреќната мајка.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Нејзин говор и додека длаби и во најдебелиот трупец, и додека го делка некој кежаво изврзан глужд, притоа само со звукот кажувајќи сѐ за длабината на дрвото, но за сето време постојано со она спокојство и сигурност, без да се промени ни една жиличка од ткаеницата на нејзините до невидливост незауздани движења, тоа ритмичко полетување нагоре и плискање надолу, докрајчувајќи го секој глужд, токму на ова место, каде што го подбрала пред себе, неотстапувајќи ни за милиметар в страна од своето цврсто сновење.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Откако ќе го одминевме Театарот, стапувавме во тогашното Еврејско маало и ќе се најдевме на подножјето на блискиот рид, пред нас неочекувано се извишуваше ребресто исечената глинеста утроба на ридот во која времето длабеше низ помеките делови, особено по големите дождови и поплавите на реката, па создаваше длабоки, кривулести пештери, од кои беа изградени сегашните скривалишта за заштита од бомбардирањата и другите напади врз градот...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Чанга претпоставуваше дека многубројните пештери во утробата на Калето ги длабела реката со своите вечни, незадржливи поплави.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Трново личи на Титов Велес. Обата града како да полазеле во височините, по острите и стрмни брегови на реките, кои ги создавале и длабеле кањоните, по кои се начичкани куќарки како од приказна.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Светилките им ги издолжуваат лицата, им ги длабат очите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сега му удрил умот да прави чун. Длабел некое дрво за рибарење по езерото.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Тешко се копаат канали. Реката со милиони години си го длаби својот пат.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
А тој длаби во моето срце Со длето го одгатнува Жешкиот јазик на пламенот.
„Век за самување“ од Веле Смилевски (2012)
Не можеш да ја изнајдеш колку да сакаш да ја длабиш темничината со својот поглед, колку и да ја сврдлиш неа.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Длабат во месата, сврдлат надолу до коските, си пуштаат крв.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Чекорев по патека што дивечот ја длабел по слабините на Осогово низ години, низ векови, додека бегал од камењата, од стрелите, од оловото.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Повеќе