длабоко (прил.)

Се созеде. Продолжи да дише длабоко.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Исправуваат грб, бришат пот и длабоко вдишуваат утрински воздух.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Скривницата беше длабоко ископана во земјата.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Тој космички миг на среќавањето со мртвото тело на Рацин на плоштадот, покриено со знамето на земјата, на неговата земја за која живееше, страдаше и пееше, тој молневит душевен потрес, таа отворена рана, страдалничка, на елегичните стихови на неговата Балада што нѐ сплоти сите во плач и липање беа, можеби потсвесно, но длабоко во чувствувањето и мислата оној никулец што ги откриваше како еден нов, дотогаш непознат свет на болката на постоењето и на убавината на зборовите, мојата чувственост, мојата приврзаност и определба за поезијата.
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
Сева корија и сиов камен што го гледате длабоко под мене протегна жилав корен и мојава става што вишнее усамена под ридов сте вие.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Не гледај никаде Право в земи гледај Во утробата на оваа планина легни Длабоко закопај се Друг да се родиш.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Една насмевка ќе е доволна да ја разбудам нежноста во секое магливо утро, а нашите изгубени души ќе се пресретнат длабоко во ноќта во твојот и мојот сон и можеби таму искрено ќе се исплачеме и ќе си простиме...
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Седел со пушка на коленици и наведнат, некако чудно и длабоко под превезот на свои тајни, што бездруго не можело а да не се поверува дека веќе и не сонува да ѝ стане чауш на дружината ако некогаш некој занес го подбуцнувал кон таква славољубивост.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Па не мора толку длабоко да се навлегува и сѐ да се сфаќа сериозно.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Ти ги љубам градите кротки на кои лежи студена жолтата каверна на ноќта да ти ги покренам двете гранки безлисни Слези подлабоко од тревите под нас е сѐ жолто Се нуркаме во заедничките длабочини по смислата на оваа долга ноќ што нѐ соединува во нашата брза љубов Што сме ние двајцата што крадеме од тишината кога молчат сите прозорци жолти Дали да се вратиме во нив како сомнамбули со парче смисла во очите Или да се препуштиме затворени во ова длабоко нуркање сред ноќта што нѐ открива со една утеха за сите мртви шумови што молчат од прозорците над тревите жолти
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Високите трски како ѕидови го затвораа од обете страни хоризонтот, само над нив високо и некаде длабоко напред се гледаше тесна лента сино прозрачно летно небо.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Велгоштанецот овде запре, постоја малку, се загледа во далечината и длабоко воздивна.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Длабоко, некаде во длапките се криеше изострен ум, а тој можеби сакаше да остане во тишина, како би можел подобро да создава.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Не можев да се смирам од влијанието на амбицијата, колку и да ја потиснував длабоко во својата потсвест Гзиме ја поставуваше масата.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Од време навреме скокаа во место цепејки го небото со вресок својствен само на нив, болно плачеа коњски, а пискотот нивни се прочу низ коријата, одекнуваше од околните ридови и повторно се гушеше некаде длабоко во нивните коњски срца.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Ќе ти влезе во свеста ќе ти се пикне под кожа ќе забега во зоната на интимата и оп, еден ден ќе му појде од рака да го состави она што ти си го скршила да го препише она што ти си го избришала да го ископа она што ти си го потиснала длабоко во тебе, со луд ум на лавина да го открие она што си го забранила за јавна употреба;  ќе ги размрсува и повторно ќе ги замрсува знаците-јазли на твојот личен и на македонскиот синдром ќе си поигрува со преобразбите од дамнини до иднини од лично до колективно ќе ги претвора софистицираните искази и поетските евокации во егзистенцијални слики за да ја долови речито сочноста на твоите исконски мори на твоите детски занеси на твоите судбински застранувања;  можеби ќе те надмине со помош на вродената смисла да глуми да ја игра улогата на другиот да се губи во другиот небаре голтнат од ништото.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Во центарот на виличестото лице имаше еден мал глужд, сосема мала брадавица, со две дупчиња на неа, кои длабоко и напорно дишеа за да го напумпаат кислородот потребен за да преживее организмот што беше обвиен со сало.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Ја бакнував диво по вратот, ја гризев; таа молеше да престанам, да не ја повредувам; ѝ ја зграпчив кошулата и ја повлеков; сите копчиња се разлетаа во темнината и потем, во наредните два-три мига го слушав продолжениот звук на нивното удирање на кејот, како ситен дожд од ориз; на слабата ноќна светлина блеснаа нејзините млади гради, како кај кучка; почнав да ја гризам по целото тело, и одеднаш се најдов со устата врз нејзиниот папок; таа ме удираше со тупаници по главата, велеше дека сѐ е готово после ова, дека сум уништил сѐ, дека сум свиња, дека ќе ме пријави, задолжително ќе ме пријави, дека ќе ме убие, дека Партијата ќе ме убие кога ќе им соопшти, но мене веќе за ништо не ми беше грижа, и јас само го бакнував нејзиниот папок, таа рајска чаша со небесен нектар, тој центар на вселената и почнав да тонам длабоко, да пропаѓам во непознати длабочини;
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тоа се типови луѓе кои најчесто се вработени во институциите кај овие првиве, а нивната главна особина е длабоко да пенетрираат кај нивните претпоставени задници со што ќе успеат да се одржат на позицијата во која се дочепале и притоа да не дозволат на конкуренцијата да им го заземе нивното место, а најчесто служејќи се со своите вешти кодошко-лакташки особини секогаш ставајќи му сопка на соперникот и увек гласајќи за партијата која ги убутала на тоа работно место.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
И само што завлегов подлабоко — буп — од грмушките излегуваат луѓе.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе