добиче ср.

добиче (ср.)

А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Понекогаш ќе се сожалеше и оние добичиња што од силен јадеж и страв ќе избегаа во планината, одеше да ги бара; кога ќе ги најдеше спикани во некоја грмушка или трап каде што сѐ уште мавтаат со опашката и клоцаат со нозете од силен јадеж, им се доближуваше полека, им ги вадеше коњските муви и стршлените и тие ослободени од тој напаст, го лижеа по рацете и им идеше да го бацат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
И проверете да не нѐ стругнало некое од добичињата.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Патем се поздравуваа и разговараа и со селаните од другите села, кои ги бодеа пред себе натоварените добичиња.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Со едната рака ги водат добичињата, со другата се бранат од сонцето. Си го покриваат тилот и темето.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ја гледал, ја меркал откришум кога врвела низ селото, одел зад неа, одел отстрана, го гледал секој дел на нејзиното тело, ја вагал со очите како купувач кога купува добиче и се двоумел.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Стоеја луѓето покрај своите добичиња и чекаа муштерии за нив очигледно загрижено дека ќе сврши пазарот, а стоката не се продава.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Кога навикнавме на таа едноличност, на тоа сивило, вторникот во бавчата се раздени добиче што тонеше в земи, слепи близначиња шетаа по дворовите и пееја, и така, Ноќта ми се пристори некоја небесна тишина во која не се слушаше ништо освен оној вечен звук на земјата дури се врти.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Многу ретко ќе се случеше волци да нападнат добиче или да се доближат до колибата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Се удирам во нешто, ама не знам што е. Човек ли е, дрво ли е, добиче ли е? А пука и земјата и небото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во твојот папок е, Луцијо, оти јас го пренесов центарот на вселената од циркусот во твојот папок; каде и припаѓа, каде отсекогаш и бил, само тоа Земанек не го видел, а и ти не си видела; кажи му дека е обично добиче“, велеше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
На добичињава мевовиве им се влечат по земја. - Им се влечат.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Вујко му тогаш пренесуваше со своето добиче камени плочи за предворјето и го беше повел со себе.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
По рибите, стаса поморија по добитокот, по ајваните; заболените добичиња и живинчиња: телињата, овчичките, козите, кокошките, лизнуваа од езерската вода како од иљач и - или оздравуваа, или со капките в уста умираа; лежеа така додека луѓето не ги кренаа и закопаа или додека чакалите и другите мршојади не ги исчистеа.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
11 Мотив: рана пролет: Брегот на Профим зазеленет; неколку јаболкници и праски избрзале, порано расцутеле, се преливаат во алови и бели бои; по падините на брегот излетале и првите жолти цветчиња расфрлени како распукани жолчки; белее куќата на Профим, која е скоро варосана, а покривот црвенее како тукушто пресечено месо; по брегот пасат неколку овци, кои, чиниш, не се движат, небаре стојат во излог за детски играчки; еден коњ слегува по патеката со крената опашка како да лебди во воздухот; две шареникави добичиња, крава и вол, со издолжени вратови брстаат по зеленилото спуштено ниско и се допираат, се чешкаат со колковите; по коњот оди човек (веројатно Профим) со лимена кофа в рака; на кофата е паднато сонцето и облеснува; нишајќи ја кофата, човекот како да сака да го брецне сонцето; друг некој (веројатно Скрче) се шета низ бавчата, оди од стебло на стебло и ја потпира главата на нив, како да ги гризе.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Се почувствува слободен, одврзан, без нарилник, без самар пашито добитче, ждребе, јаре, теле. Не, не, нешто уште послободно: срнче, еленче, сокле кое не знае за никакво ропство ни ограничување; кое никој не може да го задржи кај што ќе сака да оди, по земја или по небо, преку планини, преку реки и мориња, на крајот на земјата и кога сака пак да си се врати во седелцето.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Другите веќе ги запрегнувале добичињата во двоколките.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
и тука, слично на овие птици, крештеле, врескале, пискале, југале, фаќале заскитани добичиња ноќе, ги молзеле, им ја пиеле крвта, играле оро околу нив земајќи им го умот, се пикале во оџаците и гнетеле крпи за да им чади на луѓето; тука луѓето сега, на тие трски и шевари, после секој погреб фрлаат од умрениот: кошула, чорапи, капа, антерија, риза, убрус, скутник, шалче, шамија - за покус, за да не повлече умрениот и друг по него од куќата;
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Оној со факелот в раце се наведнал, другите се изненадиле: во окото на добичето се отворала огнена пупка, лилава, потоа бакарнозелена; и смртта имала свој цвет.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе