долина (ж.)
Снегот го држеше в долж по целата долина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Во долината осамени скитници црвени усти од каменот на сушите а небото во боите на морето на мојот осамен Полуостров.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Одѕивот од пукотот во долината стивна и пак се заслуша бучењето на реката која спокојно го продолжуваше својот пат.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
По патот син што тоне во долината со од на мали питоми инсекти берачките на спомени поминаа.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Долината се шири и станува сѐ поголема собирајќи го во себе зрното на мојата семка.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Звучниците пиштеа во долината и го покриваа шумот на водата што истекуваше.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Се претвора во вулкан и избива. Жешка лава тече по кожата на земјата и како капки пот се слева преку долината.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Повторно доаѓам пред долината и таа се отвора како стара книга на залутениот ветар лисјата се шират и во неа влегуваат право високото небо со гребенот на врвот планински што лебди над облаците потоа снегот што се спушта жолт и овенат право во моето срце измешан со поројот во 'рбетот што му шуми.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Одам по долината завлечен по облакот од дамнешниот чад над сниските покриви зад меѓите, зад грмојте, зад високите крошни на дабовите зад крушите што се сушат зад сливите што капат зад јаболката во кои пее есента та мириса сета долина на топли пазуви и тихи мусандри во оние стари градски куќи што се вишат во куќите изгубени во правта на калдрмата во куќите чии чардаци чии пармаци уште се свртени кон долинава во која бавно се враќам како во стара книга што постојано се превртува во дланките на осамата.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
А поарно беше да не го правев тоа и да ја сонував зелената влага на долината во која ми призна гледајќи празно дека со мене те сврзува нешто повеќе од љубовта.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Саканите коњи галопираат по сребрената нотна долина.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
После слушаше како и во таа ветрива ноќ почнуваат да се извишуваат до вишенебеси изострените писоци на волците по Белата Долина, и сега можеше да биде добро замислена сета изгубеност на гладните попусти завивања низ сета таа ветровитост.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Не верував дека ќе ми се појави повторно како дете во долината која претскажуваше најубава претстава а ладни женски тела пловеа со своите кораби кон небото на детските соништа.
„Чекајќи го ангелот“
од Милчо Мисоски
(1991)
Бојан често се распрашуваше кај деда си за имињата на околните места кои укажуваа на едно далечно минато, на поинакви времиња, а момчето сакаше да се нурне во тоа минато, да ја разоткрие и запознае и од таа страна својата сакана долина, но и дедо му даваше нејасни, колебливи одговори, што значеше дека многу работи и тој не ги знае.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Водата ќе се користела за наводнување на Црноечката долина и дека на тој начин ќе се постигнеле поголеми земјоделски приноси.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Долината на реката јачејќи се одѕва.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Набргу, сепак тие се растурија по голината на една длабока долина и Змејко уште веднаш ја изнајде напред во снегот затрупаната врата на шумската пилана.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Се чинеше како да нема никаква тежина, со која беше стапнат во таа долина: се чинеше како да ќе одлета само ако дунете малку посилно во него, како она топче од презреаното семе на глуварчето, што се раштркува на сите страни и при најмалечкиот здив на ветерот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Пак доаѓам при вас, о врвови вишни, по планини жедни, низ безводни спили, да видам јас скрки и долинки скришни што крвта ги багри на јунаци мили.
„Локвата и Вињари“
од Лазар Поп Трајков
(1903)
Го загрижуваше нешто друго. Нешто што сѐ поизразито се чувствуваше во воздухот, ниски облаци, како капа, седеа над Чукарот, некаде во височините над долината се чувствуваше невидлива брканица на ветровите, а во воздухот веќе можеше да се насети близината на снегот.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)