досети (св.)
Газеа внимателно како да се прикрадуваат кон нешто зашто сепак не беа сигурни дека овој татнеж е она за што тие се досетуваа.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
- Значи, сепак, загубениот сум јас! – Се досети Дедо Мраз, па откако раката му помина низ лицето и увиде дека ги нема мустаќите, брадата, побрза да се покрие со шапката, па да праша – Господа, дали нешто видовте на мене?
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Овој се досетува и уште посилно запувкува.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Се досеќава: подобро е да чекори отколку да ги здрвува нозете.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Тогаш се досети една слоница, што живееше во еден соседен кафез.
„Раскази за деца“
од Драгица Најческа
(1979)
Брзо се досети, го фрли каменот и како стрела се спушти да трча по стрништата кон Караорман...
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Можеби и се досетувал за вистинската причина, но никогаш не се издал.
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Први на тоа се досетија војводите, а најпрв Најдо Акиноски, се здоговориле меѓу себе и тргнаа од глава до глава на домаќинствата да ги наговараат да се согласат да стапат во колектив.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
„Никако не можеле да се досетат како да ја заземат Земјата.“
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
И фала Богу се досетив. Им велам: - А не е ли подобро Европа да ви ја донесам тука, - им велам иако можеби тоа е уште потешко.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
По навика продолжуваш
да се преправаш
да глумиш жизнерадосност
да бегаш од себеси
„да не се досетат Власите“
си велиш, и тука
се лажеш:
никој не побегнал од себеси
- жив.
Очајот, и покрај сѐ
паѓа, како ноќ
полека, но сигурно.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Доначудување немаа ни откако правта слегна и се растргна, враќајќи им го пред очи селото какво што си го знаеја, но им остана да нагодуваат каде застанала колата, додека најпосле не се досетија дека застанала пред одамна испустената и во скреби зарасната куќа на одамна изумреното и поштомено семејство Веговци, на висот над реката, речиси над село.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
Јас тогаш не забележав, се разбира, дека таа нешто се досетила.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
И, како што благовремено се досети, најважно му беше истоименикот Едо да не дознае дека некој се интересира за него.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
И додека Боше и брат му Атанас Цицко ги нажапчуваат капаците, откако пред тоа првин ги отвораат, а потоа и ги затвораат џамовите, (за тоа малку време во одајата шибнува студен воздух и за час го растерува чадот од цигарите и мирисот во восокот на свеќите) тој намерно зборува полека, намерно развлекувајќи ги речениците, за да остане помеѓу зборовите празнина во којашто, се надева, другите ќе имаат време да се досетат за што зборува и да размислат за тоа што зборува.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Речено сторено, но потоа се забележало дека од бунарот избива чад, па се досетиле дека Чанга и козите добиваат храна од добро организираните козари.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Па, сепак, беше очигледно дека најавува спремност да поднесе секаков вид вистина, се разбира ако некој друг се досети да ја објави или барем да ја спомене.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Оние поединци кои го имаат посетувано училиштето за стравувања и стравотии или пак оние другине кои на панаѓурите навикнале да ги шетаат одаите на ужасите можат да се досетат како се чувствував.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
И затоа кога истата таа година, во летото, во време пред да почнат жетвите, го најдоа Хаџи Ташку со здробена глава на ничиј синор, ни на веселечки ни на кадиноселски, туку точно на местото каде што денеска Пазарџиски Пат за прв пат ја прегазува железничката линија, никој освен потковичаните не се досети кој можел да му го „пресретне“ патот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Терасата е корисна, но јас еднаш се досетив дека од неа би можело да се „извади и некој динар“, па ѝ предложив на баба ми да ја пренамениме (тој збор го употребува татко ми кога со Славко и со Кара разговараат за бизнисот) со базен.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)