дренка (ж.)
Мечката мисли дека родот на дренки ќе биде голем тогаш кога ќе ѝ се пријаде.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Пред Божик, зад Божик црвеното било среќа и затоа момите се возеле со црвени колички низ градот со полни усти црвени дренки од фрижидерите за длабоко замрзнување.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Мечката го хранела брадосаниот никаквец и натрапник престрашен и за ѓаволот, му носела големи гранки со оскоруши, грмушки со дренки и искорнати гнили стебла со мед во утробата. Тогаш можеби била и скотна.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Така мајка ми правеше и со дуњите, со јаболката, со дивјачките, со дренките и со горниците.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
Имаше еден Илија од Призрен и си го слави денот. Дава некоја ракија од дивјачки и од дренки.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Никој не знаел од што е, сѐ додека на дното од ќупот не нашле грлушка од дренка.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Чардакот од нивната богата куќа беше тесен за неа; бунарот во авлијата плиток за кофата што ’рѓосуваше во која таа влегуваше сосе калци; маштеницата не се пиеше инаку освен направо од ѓум, а бакарданот се шмукаше како да е сок од дренки.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
во долиштата до кои не стасала лакомоста на живите, го засилуваат листењето на оскорушите и дренките, и на оние сини цвеќиња над кои сеќавањето разбуцува топли спомени: но таму е проѕирен и лелеав Дмитар-Пејко со цут на жилата меѓу веѓите, стои во ѕвонеста кошула на младоженец и помлад е од некогашната своја младост, ќе се пресмета со чудовиштето што ни го претскажуваше патем:
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Имаше една блуза, онака, што викаат, црвена како зрела дренка.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Потем сал туку се излежуваше по дома, си остана младоженец без невеста, едно време се пушти глас дека станал акробат и ноќум одел по жица како месечар, филистејците се такви, на спасителите им подаруваат осаменост, им го нудат и кошмарот на заминувањето од родната грутка – барем сега не се талка со месеци по морињата до Австралија и Нов Зеланд, а ако е до пустини и таму има пустини, но децата таму не чуле за прачки, не виделе дренки и шумски малини, децата таму се далдисани во компјутерски игри.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
- Како и дедо ми: ако треба за стомак, вари: коњски босилок, суви дренки, шипинки, лисја од коприви, пелин...
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
„Да“ рече неволно, кисело Пелазгиј, а устата му се собра како да изел цела дланка дренки.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
А устата ми се собра како да сум изел дланка дренки.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Се разбуди рогнат од болка под ребра, со скоминав вкус на дренки во устата.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)