државник м.

државник (м.)

По вообичениот поздрав на гардата се најдов во салонот пред свечената сала во која вообичаено претседателот Бургиба ги примаше акредитивите и странските државници.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Често построени во дипломатскиот кор при средба на државници, со двете добри уши ја доловувавме реченицата која на минување ќе ни ја кажеше големиот државник.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Сега му останува во слободното време да се одмара од државничките напори.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Чуден беше патот на овој голем војник и државник во своето време.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
84. Додека сѐ уште чадеа илинденските пожари, бугарската влада навистина побрза да го испрати конзервативниот политичар и државник, туркофил и русофоб Григор Начович (1845-1920) во Цариград за да се погаѓа со Турција за правата на „Бугарите” во Македонија, а не да им дозволи на Македонците самите да се појават како фактор на преговарачката маса за сопствените интереси.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
65. Стефан Стамболов (1854-1895) е виден бугарски револуционер, политичар и државник, кој во 1880 год. стана народен пратеник и потпретседател на Народното собрание, а во 1884 и негов претседател.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Државниците на Европа повеќе или помалку го знаеле тоа што го знаел Виктор Берар и други интелектуалци слични на него.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Од што се плашеле? Бездруго од платеници на суробрадиот Али-бег што не признавал друго воденичарско господарство освен своето: па дури и на оние благолики Турци, наргиличари со среќна насмевка на алахови почитатели што не ја одобрувале неговата алчност, бегот можел да им се одмазди на некој начин; во својот долап со изрезбани арабески во дабово дрво имал пергамент за дедовски и татковски и свои заслуги во кој, со милосливост на султанот Махмуд Втори, се барало од граѓанските и воените власти да му бидат секогаш при рака, не додавајќи ги кон сето тоа легендите за неговите браќа што се истакнале во ликвидирањето на побеснетите јаничари и крџалии и пријателството што го врзувало со секакви мутеселими, кадии, кајмаками, шејови, заслужни бегови; се знаело дека во еден спор и самиот валија, државник и поет и исто толку почитатели на поетите Зати, Фузули, Наби, Вејси, набожно ги допрел со набожниот султански ферман градите, усните и челото и го прогласил неговиот стопан за доживотен праведник.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Овој чичко се одликува со памет, ерудиција, башка државничка мудрост...
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
67. Д-р Стојан Данев (1858-1949) е истакнат бугарски државник и универзитетски професор, русофил, кој во периодот од 21.12.1901 до 5.5.1903 год. (како и подоцна) беше министер-претседател на Бугарија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
78. Познатиот српски политичар и државник и долгогодишен министер-претседател Никола Пашиќ (1845-1926) беше дипломатски претставник на Србија во Русија во 1893-1894 год.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Противниците во Арафатовиот напор не гледаат моќ на иден државник да се соочи со сите димензии на историјата.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Коница беше близок пријател со Фан Ноли, архиепископ и албански државник, поранешен претседател на албанската влада, голем писател и преведувач на светските класици на албански јазик, во прв ред на Шекспир и на Сервантес.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Светот ќе му стане татковина, останувајќи во постојани врски со угледни државници од сите поголеми земји во светот, во потрага по својата, макар минијатурна држава Палестина!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Во бродот беа присутни сите Титови обележја, освен него: неговата биста, неговата работна соба, неговиот свет од долгите пловидби, плочките на кои беа испишани имињата на славните посетители, покрај државниците и имињата на Елизабет Тејлор, Ричард Бартон, Софија Лорен и други...
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Самиот покојник не беше државник ниту научник, туку поп-пејач на љубовни песни, секогаш насмеан и традиционално побожен.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
И додека го пиевме кафето стариот Влав – Саракачанин ни дораскажа дека тука, во опустошените костурски села Д`мбени, Косинец, Лобаница и Смрдеш, како и во Преспа рај им ветил еден грчки политичар и државник, најбогатиот Влав меѓу Власите во Грција.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)