женско (ср.)

Патниците што се качуваа на станицата кога ќе ја видеа низ вратата од купето каде што се шминка, не влегуваа во купето иако имаше слободно место за да не внесат со своето присуство пореметување во интимноста создадена меѓу машко и женско.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Се морничавеле исплашени од многуте прикаски дека мечкиниот свршеник ќе почне да се дебели од женско месо.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Почна да се чувствува женско поддржувајќи ги сите манири на девојчињата со кои се дружеше.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Попот јаде маслени јагули со црн пипер и лук и не може без женско.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ми се падна во целиот вагон да сум само јас женско.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Пела и во сонот се појавуваше како сонце, бело бело и топло а потоа таа викаше бате Дончо јас и ти сме брат и сестра нели а тој нема глас да ѝ одврати дека тие двајцата не се брат и сестра само нивните мајки во исто време ги имаат родено и оти се најдобри другари им кажуваат дека се полубрат и полусестра и сакаше да ѝ каже дека се само две деца таа момичка а тој момче нели таа женско тој машко како што има жаба машко и жаба женско како што има гугутка машко и гугутка женско како што има којн машко и којн женско како што има вол машко и вол женско и ние сме како нив и токму ска да ѝ каже во што е разликата меѓу машкото и женското го изгубува привидот на Пела сонцето и белото и ќе врекне со широко отворени очи Их, пак само сон!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Бојан се наведна, го фати внимателно јагнето за задните нозе и го поткрена: - Женско е, - рече. - Ќе го викам Снежанка.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Шестото навистина го испи малку побавно, но никој тоа не го забележа, на седмото виде само Трајанка и ѝ затупка срцето што ќе излезе победник, на осмото децата почнаа да му се смеат дека не може ни колку едно женско да биде јунак, на деветтото одвај го качуваше ридот а кога дојде до половината на десеттото, којзнае како стана, но се закашла и не го допи.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И машко и женско, и мало и големо, и христијанско и турско, христијаните крстејќи се и во истото време изговарајќи Господ да го дочува во живот Лазора, а Турците, на чело со Тахир бег Јаузоски, кој и заборави да го прошетува Мурата, Ај анасана, ај џган, уште од раното се купчат на портите, на срецело пред дуќаните Акиноски и на чешмата, на бунарите, во дворот и на чардакот Акиноски и само за тоа зборуваат: минатата сабота токму во време пладнина, нивните мажи, главите на сојовите, се нашле таму во Прилеп, на Али Чаир, за со свои очи да се уверат во силата Лазорова, и за потоа со свои очи да го видат нештото кое тука, на лице место и пред сета насобрана народија, ќе му го прекинеш животот на човекот, а кое не го стори тоа, не го однесе на оној свет, само затоа што е Лазор голем и силен како никој друг на земјава, па ножот и куршумите, кога влегле во месото негово удриле на коските и тука се запреле.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Дошол и еден Турчин, ме кренал в раце и рекол: Ова е женско дете, ама машка душа носи и од него сите ќе проплачете.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И затоа селаните често беа во недоумица: машко ли е или женско?
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Со соголувањето и дословноста на репрезентацијата на „женското“ се создава критички потенцијал со којшто се преиспитуваат симболичките конструкти како општествено и историски условени.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Војводите пак го целивале и му рекле дека мајсторите можат веќе без него, тој нека собере сѐ што може да застане на нога, старо и младо, машко и женско, на незаштитените места на гратчето да се постават камени појаси за одбрана.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Мене немаше кој да ми каже, барем јас имам кому да кажам: и кога се роди Горица, јас папокот ѝ го пресеков со срп, оти беше женско. На машките им се сече со секира.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Го заплисна мирис на чисто женско тело, а раката му допре наводенет дел од ноќницата.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Зашто, ако женското е со шапка, или ако носи свилени чорапи, или ако в раце држи некакво кутре или пак има златен заб в уста, тогаш таквата аристократка и не е некакво женско, туку, да ми извините, мазно место.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Во истиот миг од зад вратата се чу женско бревтање и шушкање на ќеси.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Кога поминаа најубавите години во животот, кога израснаа бајчињата во човечиња - машкото во мажиште, женското во женче полично од мајка си?
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Изгледа на командантот Методија (Мече) од Прилеп му беше страв дека е женско на стража па го испратил неговиот шифрант да ме викне. Јас му порачав да не се грижи.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Повеќе