загадочен прид.

загадочен (прид.)

Времето му дозволи да се преиспита и самиот себеси и да си побара одговори на некои загадочни прашања.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
И виде Филозофот дека сум задуман, и излезе низ вратата, смешкајќи се со својата лечебна, загадочна насмевка.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Можеш ли да му ја поматиш верноста кон земното, додавајќи знак по знак откривајќи ги срамните делови на твојот систем загадочниот метод небесниот свод- дом за да може да оди по истиот пат и да стига до истата цел човекот, оној кој над црната точка стрепи по сличното, од различното стрепи спојува еден со друг: еден и еден, два со два, седумдесетидва името го дели на четири елементи – I.H.V.H. тетраграматонот го врти, го враќа ред по ред реди вистината на скрбта ја учи завист и суета, суета и завист сѐ е бесценет камен, а број свет и сила равенката меѓу нив се припикнува како вода меѓу шуплинките во карпата како зрак во мрачна капела бели точки на црна површина поделена на две: еднооко човече дворог Пан троока нимфа четириаголен круг пирамидална петка црно на црно расфрлан, разигран Ум на Светлоста Умна светлост.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Градот е ѓавол, градот е зол градот сурово наденува на кол преполн со завист, нанесува бол загадочен исто ко Гордиев јазол Премногу фарси, премногу маски градот е подготвен сѐ да прими премногу надежи, премногу лаги а градот загаден сите ги голта
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Мислам дека ќе бидете збунети а можеби и ќе посакате да ја напуштите намерата да продолжите со потрагата заради онаа небулозна а и загадочна порака Влез во безизлезот што стои на спомнатата врата.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Има ножни листови свежо избричени, загадочни дупчиња на колената, што сѐ заедно предизвикува една мистериозна загадочност, поткрепена со бутини без масна наслага!
„Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски (1989)
Загатките без можност за решение, значи загатките во кои ништо не е сокриено повеќе од самите загадочни чувства, таквите загатки во најдобар случај им соодветствуваат на игрите со сенки со заборавените форми на загатки, игри во премногу доброќудните сеновити градини на историјата, игрите на сенки во сенка.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Со загадочна насмевка се провлекуваше низ блутникавите рефрени и распашани подвриснувања и оставајќи ги се спушти до солениот, карпест брег, со поглед закован врз смиреното море, над кое трепетливо испаруваше Месечевиот бакнеж.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Лежи на креветот. Дотеран и мртов. Со прекрстени раце под градите. И со онаа загадочна насмевка на семоќен владетел.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Филозофот се смешкаше загадочно, како и секогаш кога сите мислеа дека сѐ е загубено, а тој исход чудесен наоѓаше, од ништо нешто сочинуваше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
На научниот симпозиум насловен не многу претенциозно „Појави во движењата на етникумите“, научното соопштение загадочно насловено како „Наезда на сенките“ на професорот Седларски не привлече некое посебно внимание.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
А гласот загадочно му рекол: „Надополни го просторот меѓу коските на отецот твој со месо, обнови го целосно телото на Словото, на таткото твој, и засекогаш ќе останеш во славата на царот и логотетот, прв меѓу првите ќе бидеш во царството над сите царства земни!“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Нејзината загадочна форма, која многумина научници и филозофи ја толкуваат, е уште почудесна.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Притоа загадочно погледна кон чичко ми. Нивните погледи како да водеа разговор. Личеа на погледи со многу сонце над сенката на тагата.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Кога го читаше Бајрон почна да накривува, после Бодлер ја обои косата во зелено, а средбата со загадочните Франц толку го потресе, што веднаш на Вера својата платонска љубов од женската гимназија, отпочна да ѝ пишува долги писма, насловени со „Милена“!
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Како што Змијата ѝ дозволува на темната грабливка да ги забие канџите во нејзиното виулесто тело, оплодувајќи ја со сината крв жедната почва, како што Загреј, парчосан од синовите на Уран, повторно се раѓа, уште помамлив и постраствен во светлината на мудроста, така и тие, загадочните рицери, непомирливи бунтовници против Законот што потценувачки го дели боженското од земното, минувајќи низ она што го нарекуваме стварност, се претопува во треперливата прегратка на духот, засекогаш млади, неранливи во своето жртвување...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Но во истиот момент, предизвикувајќи длабока воздишка на олеснување кај сите, непријателската фигура се стопи во лицето на Големиот Брат, црнокос, црномустаклест, полн со сила и со загадочно спокојство, и толку голем што речиси го исполни екранот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Кога по половина час се врати, на лицето му лебдеше загадочна насмевка: „16 златници! – и брзо додаде, неможејќи да го скрие восхитот: „Колку е убава ќерката на бакалџијата!
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Именка загадочна, Лична, ситна и малечка Пупка папочна: Точка.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Според тоа, со криптограмот L. H. O. O. Q. Duchamp опишал три нивои на настанот: се одвива coniunctio oppositorum (Сонцето/Ергенот се симнува доле да се соедини со Месечината/Невестата); coniunctio води кон засилена свест (за што сведочи засилувањето на топлината, „огнот долу“); бидејќи засилувањето на топлината, тогаш кога е успешно, исто така е одлика на третиот степен на вештина, ова инцестуозно соединување среќно успеало да ги спои Ергенот и Невестата во андрогиниот Посветеник, а тој факт пак, од своја страна, го објаснува доцртувањето на мустаќите и брадичката што ја комплетираат насмевката на Мона Лиза, која веќе не е толку загадочна.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Повеќе