заграб (м.)

Кога се сврте зад себе го најде она свое јаренце исправено на високите, тенки ножиња, скаменето, како споменик на убавината и на невиноста на дивиот свет, несфатливо далечно од него и залушано кон таа ведра ноќ, целото потонато во одбирањето на сите нејзини шумови, настрхнато на нејзината белина, а во неговата стојка како да беше собрана и сета белина и сиот раскош и му ги носеше и во таа малечка собичка, во тој малечок заграб од белото пространство на дивината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но за возврат татко му истури цел заграб снег врз него.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Снегот продолжуваше да ја губи дури и онаа своја скржава светлина, добивајќи некаква сосема невистинита испремешаност на сите темници, што постојат, а секој нов заграб со раката низ неговата сива ронливост ја правеше уште потупа болката под неговите нокти, носејќи му го ова незнајно глупо чувство за некакви прсти, зголемени колку полни вреќи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И човекот ти бил ко заграб слама.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се ребреше очекувајќи го првиот удар, првиот заграб на оние шепи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Жената испуштила еден заграб фустани.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Најпосле навалицата ги протуркува низ вратата, раката на мајка ѝ го пушта нејзиното раче оти треба да се отклони малце и ене ја купува еден заграб свеќи и успева да се добере до нив.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
На влегување, сега без тропање, ја најде Неда сред куќи каде му мете на прасето и посегна да ја фати за образ, ама таа му ја турна раката настрана и му ја покажа големата врата откаде можеше секој минут да влезе мајка ѝ, и му рече само: — „Пст, мац! Не ваќај кај шо не си клала ота може да е жешко да се попариш!“ — И навистина старата влезе со заграб борина и едно столче.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
- Царот дошол на кола без волови, а луѓето ѝ фрлале сено, заграби сено фрлале пред лимузината за да видат дали ќе јаде. 160
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сѐ што Татко насетуваше во своите свети книги опкружен со марксистичките и со своите потраги во судбината на својот народ по падот на империите, посебно последните три (Римската, Византиската и Отоманската), и сега во загработ на сталинистичко-комунистичката империја, сѐ што можеше да предвиди, јас како да го откривав во музеите, во театарските претстави, во страдањето на вековно спротивставуваниот менталитет.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Со месеци во нивниот дом единствена храна биле лебот и солта, а кога им останале уште само неколку заграби брашно, решиле да се преселат во Виена, каде што Јакоб Фројд почнал да му помага на таткото на Амалија во трговијата со ткаенини.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Имаше силна духовна моќ полиграфот Фаик Коница, со силниот заграб на неговиот интелект, да го изведе својот народ од маѓепсаниот источен патријархално-трибалистички круг и да го внесе, макар задоцнето, во поприштето на европските идеи, оддалечувајќи го од феудалниот отомански ментален хоризонт.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Оти, вистината е заграб. Вистината е скок. Таа удира со својата тешка рака.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
А оној продолжи и сега да отскака исто како да не се случило ништо, цепејќи ја белината на сиот оној простор нагоре, пречекорувајќи и по десетина метра во еден заграб, додека земјата подмолно протатнуваше од секој негов скок.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Секој писок, секој нов скок, секој празен заграб на секоја болка во празното удирање на голите очници.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Пијанството, што го носеше крвта, сетена на острината од гладните секачи, завладуваше пред неговите очи над сите тие парталави, тела, а ударите на забите по секој празен заграб ги тераа да завиваат од таа ужасна грозница; беше една глад, кој ништо не беше во состојба да ја утоли; таа растеше со секој дофатен залак, таа побеснуваше во својот лудечки занес, разгорувајќи се, тука, пред неговиот прозорец, а нејзините писоци од болка и од настрвеност говореа и за можноста од тој испреплеткан јазел на крвавото беснило мнозина од нив да излезат и без своите сопствени колкови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кога Митра излезе да ја испрати Бојана, Илко си влезе со заграб борина.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Допирот веднаш му се вкочани, но небаре нивните раце се преплетоа во заграб.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Сите раце фрлаат заграби земја, а потоа лопатите останатата.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Фатен во заграб со една бабичка, која се плаши да не ѝ се лизнат наланите на мразот.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Повеќе