задружен прид.

задружен (прид.)

Со него ние сакавме да им покажеме на Русите оти кај нас во Македонија нема национален антагонизам и е возможно задружно работење од сите македонски народности врз културна почва.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тоа бранење ќе биде успешно и ќе ги замрси сите планови на пропагандите ако биде задружно и општо.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Задружна работа е возможна само во најмали реформи.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Она пладне, кога војната беше оттатнета, а нејзините сенки сѐ уште стоеја во изгорените куќи на нивното село, и во разурнатите мостови, и во разодградените плотишта, а по селските сокаци се тркалаа празните картонски кутии од УНРРА, и селаните се облекуваа во половните американски карирани виндјакни со неминовната црвена шарка, и кога двете селски бакалници беа прекрстени во Кооперативни сектори, а секој нивни ден се завршуваше со по една фронтовска конференција, на која тие по двајца-тројца продолжуваа да се запишуваат во Задругата; она попладне, во кое исто така мнозина, продолжувајќи да немаат доверба, а и Змејко беше меѓу нив, обично молчеа, за сето време, сите тие денови, и додека се меткаа по цел ден по средселото, а и вечерта на конференциите, а дури после си се разотидуваа кон дома; она попладне, кога ќе им станеше чудно ако речеше некој дека оваа вечер нема да има конференција, толку чудно и толку пусто, што дури и самите би ја закажале неа, она додека исчекува задружниот курир - поранешениот пандур, - пак да притропа со барабанчето по сите мегдање од селото и се чудеа што уште го нема; во таа тишина, во која стоеја зачмаени на средсело сите мажи, а меѓу нив само ретко ќе пробечеше некој глас, кој можеше да бара или огон, или тутун, кој ниеднаш не кажуваше ништо повеќе: тоа пладне, во кое подоцна се насобираа сите крај една лимузина и еден џип што пристигааа од градот, носејќи уште една од сите оние делегации, што доаѓаа на конференциите и постојано им го зборуваа сѐ тоа пак тоа, сега од колите излегуваа луѓето и се поздравуваа со селаните со онаа неприфатена, одгатната фронтовска желба за приближување и Змејко уште на прв поглед го препозна онојго.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ги повикаа преку здружната разгласна станица во управата на Задругата, нив двајца, него и Дука, а гласот на задружниот курир се изгуби тупо меѓу куќите, приклекнати под тешкиот снег.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
За како споменик на тој ден, на нашето сретсело да остане само недоградениот задружен дом, оние ѕидишта, кренати до чатијата, што сега се уриваат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Место сето тоа ти, застанат така пред жената и со оние тројца мајстори, што ти дишеа во вратот, пред жената, целата раздрохтавена како пауница од задружната благота, не можеше да смислиш ништо друго, освен да ги требиш сламките од засушениот малтер на чекичот во твоите раце, дури не ти притекна онаа мудрост, која успеа да ја протепкавиш во неколкуте збора, што ги исцеди од својот гнев како мајчиното млеко:
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Заспа доцна и сонуваше како го јава својот бел коњ, кого што тој пред неколку години го натовари самиот со качмите и со плугот и го однесе во задружните тремови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Коњот живееше во Задругата само тоа лето. Беше нивниот најдобар задружен коњ, но некој го претера и тој пцовиса, превивајќи се брефтајќи и со подуен стомак.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Оној ден. Го градеа домот. Беше еден добро замислен, просторен задружен дом, полн со сонце.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)