зараза ж.
зарази св.

зараза (ж.)

Полуостровот за сега ѝ е под мирисливото здолниште а заразата од раните не се шири и не достасува како болка до нејзата спокојна свест и до студената совест.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
XXIX Свинската чума одново се јави во селото, зафати да се шири, и од свињите да се пренесува на луѓето: започнаа луѓето нагло да умираат; секој ден се огласуваше камбаната, секој ден имаше погреб; заразата се ширеше од еден на друг: ги зафаќаше луѓето силна треска, висока температура, огница, паѓаа во бунило, им се воспалуваа дробовите, им се надуваа очите, по кожата им се нафрлуваа темни дамки, бубулки, кои расцутуваа во гној и се распаѓаа; им се воспалуваше грлото, кашлаа непрекидно и длабоко како да рикаа корнејќи ја утробата; им отекнуваа жлездите под пазувите и на вратот и не можеа да се помрднат; жлездите им загнојуваа, им ја труеја крвта и умираа во тешки маки.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Жива зараза, се шири со брзина на светлината. Се пренесува преку магнетни бранови. Единствен таков случај.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Тие мириси беа измешани со мирисот на сувиот босилек што сите жени го носеа во џувки и по прчалките, а и ние машките секој имавме по некој страк босилек во џебовите, зашто така чинело, босилекот чува од зарази и секакви болести.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Залегнатата клица, заразата на еден живот на судири и амбиции од кој бегав и навистина сакав да избегам, се опираше во мене.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Беше четири часот кога и втората рака му се измени. Сето тоа прилегаше на треска, зараза, вирус.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Мислиш дека беше во прашање љубомора а не стравување дека си посетил грд расадник на зарази, ми приговори тогаш можеби со право Катерина, и потоа само додаде: Мило, зар не се обиде самиот да ми докажеш дека сепак не успеала да те искористи таа ороспија?
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
И уште кога завивањето ќе се прошири од ќерка на мајка, па како зараза ќе премине на тетка, вујна, золва, балдска, јатрва, баба и внука... отиде јабана сиот лицемерен малограѓански морал, паѓа моментално сета ригидна патријахалност, пука по рабови цела феудална нетолеранција, тоне туто-комплето конзервативната Америка "ко метак надоле", што би рекол чичко Фазли!
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Одненадеж зафати и зараза во селото. - Е, уште тоа ни требаше... - рекоа луѓето.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Зошто цел живот да го браните вашиот опус како мало дете. Тоа е овде права зараза.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Медот е лек за сите болести; нема болест што не ја лечи: тифус, офтика, дизентерија, гушоболје, малокрвност, болки на срцето, на џигерот, на жолчката, на бубрезите, нервни заболувања, настинка, ревматични заболувања; го регулира притисокот на крвта, помага при несвестица, слаб вид, астма, ја штити кожата од лишај, красти, првут, струпци, спречува труење, зарази, уништува бактерии.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Можеби И во мене навлегла заразата! Што сум јас тука? Месечар, лудак?
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Има луѓе кои го пренесуваат лесно душманлакот на други, на трети и го шират како зараза меѓу луѓето.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Од таму, невозможноста повторно да се разгорат огновите од 68-та: да дојде до повторно преиспитување на науката во судирот со самата власт - експлозивните контрадикции меѓу знаењето и власта (или откривањето на нивното шурување, што се сведува на исто) на универзитетот, а со самото тоа, со симболичната (повеќе отколку политичка) зараза, во севкупниот институционален и општествен поредок.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Дали спас од големата зараза со вирусот на погрешната идеја, зачната во умот на диктаторот и наложена како принуда и мачење на еден цел народ, мојот народ?
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Но заразата веќе беше тргната: од неа умре кметот, а по некое време и жена му.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Каква зараза, какво проклетство!
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)