затскрие (св.)
Се затскривме во живата ограда и демневме. Си ги одбиравме жртвите.
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)
Се доближивме до десната драперија затскривајќи се за да не нѐ фати светлината од уличните канделабри.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Заседнале во ендекот затскриени од клениките и повитот.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Братучед ми едвај ја затскриваше триумфалната насмевка. Ме гледаше преку огледалото и се смееше.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Пилиштата ни го затскриваат сонцето и нивните сенки ни паѓаат над лицата, на дланките.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Тој тргна полека се тркалаше лазејќи од дрво до дрво, се задскриваше зад грмушките па некако стигна до селото за да влезе скришум во подрумот по компири.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Како да се срами, како уште да го затскрива лицето од војниците.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Постоеше пак една далечина, стоеше неначната и една исплашеност во тие околчави итри очи, јаренцето дури и истрча и се затскри зад сандакот со храната, но тој и сега можеше да го гледа опавчето, што продолжуваше да поигрува одвреме навреме и таму.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ги отворам очите, а над мене едно дрво ту ми го затскрива сонцето, ту ми припушта светлина.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Така можеа да чекат дури и подолго, затскривајќи се зад параванот на транзицијата, причина која ги оправдува самите нив!
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Истражувањето нѐ потсетува дека сеприсутната реторика на ’глобализацијата’ и нејзиното навидум непостоење на граници често служи да се затскрие постоењето, како и политичкото значење, на границите во современите геополитички конфигурации.
„Простори на моќта“
од Зоран Попоски
(2009)
Лишките немаат врска со оваа работа, вели налутено Максим и во истиот миг се прекорува себеси што откако се заветува зимоска дека еднаш ќе го отепа кобникот од Камен, а не го стори тоа, не се стори ниет ни да се сети на него, а еве сега на друго си помислува, поправо зад друга помисла се затскрива: и да го отепаше, и да разгласеше дека е бувот отепан, луѓево пак ќе веруваа дека тие, лишките, им ја донесле оваа несреќа, а не тој, Лазор Перуноски, во час на пијанство.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Во мигот кога не сме задоволни од сегашноста, кога нашето небо облаците ќе го затскријат, ние ги затвараме очите, за да ни се разоткријат ѕвездите скриени позади нив!
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Ретко кој се обидуваше, затскриен во некоја дефетистичка барикада, во исчекување да мине злокобниот, судбински бран на историјата, да си ја покаже главата во новото време.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Но кој го гони зајачето? Се затскрив малку зад една смрека и гледам, во тој правец од кај што трча зајачето.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Сега беше толку ведар, така што речиси и не се чувствуваше себеси, исто како и да не постоеше, затскриен зад шпелите во таа цибрина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Збирштина од универзитетски професори со копи пејст препишани учебници и стотина научени латинизми ја замајуваат јавноста и дрндаат со своите колумни за етика задскривајќи се зад сопствените манијачко педофилско страсти.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Луѓето се затскрија зад свијокот, во густите дрвја, и зедоа да одат угоре, по шумичката. Таму не ги фаќаа куршумите.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
На, гледај...“ ги вади од долапот и ги фрла пред неа; прва фотографија: Профим со жена си Профимица; таа е со испупчен мев, трудна; крај нив се сите четири ќерки: Царјанка, Девица, Венера, Андромеда; облечени која како се нашла во моментот кога сликарот дошол; зад нив: плот со оретчени плотици на кои стојат наврени празни грнчиња, стомни, чупки; дрво што се превиткало и со едниот дел влегло во фотографијата; Профим со поднакривена шубара и исшилени мустаќи подвиткани нагоре; едната рака ја држи префрлена на рамото од Профимица, а со палецот од другата рака притиска на малото џепче од копоранот; Профимица е забрадена со шамија тргната над очите, како да се затскрива од сонцето или како да се срами; втора фотографија: Профим и Профимица, сами; Профимица е со доста потпорастен мев; фотографијата е направена одблизу како за на ѕид или надгробна плоча; жена му ги држи рацете скрстени на мевот, а тој ја држи под рака; зад нив се наѕира вратата на чија клучалка висат потки од дрен и кукурек и дел од детската глава нацртана со креда на вратата и чијашто уста е развлечена во смеење; трета фотографија: пак сите заедно, но сега Профимица ја држи во рацете долгоочекуваната принова на куќата - бепчето Скрче; се гледа: фотографот имал голема мака додека успеал да го фати овој момент кога бепчето ги отворило очите, при што насмевката на Профим, од долго местење и стоење, останала како сиросана, како скаменета; девојчињата од пресилно блескање на сонцето, замижале и изгледаат како да спијат! четврта фотографија: Скрче качен на коњ.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)