зачуди св.

зачуди (св.)

Два најниски акорда на темната клавијатура на облаците се судрија Два погледа под искрите нивни се зачудија Четири бели раце низ темнината на дождот вознемирен се побараа Се доближија се најдоа со болката со смеата со занесеноста стара...
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Ако пак тие мислат со нас да не се церемонат и да нѐ лажат Европа и нас со реформи што не ги исполнуваат, тогаш не ќе се зачуди Турција ако и ние ги обрнеме нашите погледи кон Европа и од неа бараме да се воведат во нашата татковина со сила тие реформи што се признаваат од силите европски за вистинска требност за успевањето на религиозно-националното и културното развивање на македонските рисјани 5.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Се зачудив, бидејќи бев сигурна дека не можеше да ме види зад пердето и влегов во другата соба.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Диме се зачуди. Наеднаш не можеше да се сети за синоќешната случка.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
За зачудување ќе им биде во неа многу.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Крсте се уплаши да не замине Стојан, како што му направи порано неколкупати, инстинктивно чувствувајќи дека не треба да има давање земање со овој „предавник" Стојан се зачуди кога го виде така весел и ја осети онаа пријатност од времето кога Крсте дружеше со нив.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Овој рог на изоблиството и на слободата можеше само да ги зачуди, но потоа и да ги иритира одговорните локални политички раководители.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Слон да видам како лета, ми се чини дека не би се зачудила.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Така сега Крле прескочи уште првата година во II одделение и со својата бистрина и надареност просто го зачудуваше како даскалот така и сите ученици, а најмногу од сите се чудеше и со особено задоволство се насладуваше Нешка, која сега немаше потреба на часот скришум да го погледнува, ами на секој одмор сѐ го дочекуваше заедно да излезе со него и брата ѝ Стојана и тројцата да си ги повторат задачите или да си играат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Мечката уште толку се восхити, ама нешто ја натера да се зачуди.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Да се покажеме достојни нивни потомци: да им ги зачуваме славните имиња и да го зачудиме светот со нашата храброст, умешност и самопожртвуваност; да го отресеме од себе срамниот јарем што нѐ гуши пет века…”
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Еден ден покрај пругата се појавија две крави и еден човек. Златко се изненади и се зачуди.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Камилски беше зачуден трагајќи по речниците колку многу турцизми се употребувале, но и натаму се употребуваат во балканските јазици за означување разни садови, како: бардак, барде, вид лонче кое служи за пиење вода (од турски bardak); ибрик, поголем бакарен сад за вода со посебно извиен тесен отвор, се употребувал уште како сад за масло и како сад во кој се топли вода, како и за варење кафе и чај.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Дури се изненади и се зачуди кога ја забележа мирната силуета на стражарот кој шета со одмерени чекори пред зградата на Банк Отоман.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
- Немој да се зачудиш ако запловиме со него како на чун. Само да дувне ветер ...
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Првиот ден Ј се разбуди со силна болка во рацете и нозете. Се зачуди кога виде дека на себе има розеви бебешки пижами што силно ја стегаа.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Се зачудив кога видов дека нападнатите се бранат и ги враќаат ударите со иста разлутеност со која дојдоа посиноците на маштетата улица.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ги зачуди и Дедомразовите живи очи, иако неговото срце, подзапалено од симпатијата, во одредени моменти знаеше да се соземе, да падне на земја смирувајќи ја топката огнена што удира во мирните вијуги на неговиот мозок.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Тие уште повеќе се зачудија кога од колата изнесоа во корпа, наредена со тантели и панделки, крупна бела мачка.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Кога генералите ги зедоа двогледите и дурбините за да ги следат денешните битки, останаа зачудени: секој двоглед и дурбин беше закитен со маслиново гранче.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Повеќе