збиен прид.
збие св.

збиен (прид.)

Густо збиените на ридот куќи како да се креваа на прсти и се надвишуваа една над друга: секоја сакаше да се огледа во утринското огледало на езерото.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Барите на улиците вриеја од мал потоп, од густо збиени клобуци и прскање на водени трпки.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Тој има вкус за доблест. Продолжува да оди по патот на кој стрчат острите врвови на младите тревки, не плашејќи се да се пробијат меѓу збиените камења.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Магијата на расказот остана да ја протолкувате вие, притоа внимавајќи да нè ве погоди проклетството на зборовите, збиени како револверски зрна во отворот на срцевата цевка.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ние, клекнати и збиени една до друга во грмушките, одвај и дишевме.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Во истото време подзедоа жените болно тажења, в припев редејќи, а однадвор им пригласуваше, липаше волно народот збиен, плачејќи.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Од неговиот збиен коментар проговорува специфичната еснафска солидарност: макар што не ги одобрува, тој настојува да ги разбере оние литерарни проповедници на епскиот дискурс кои, како залутан пустиник, ја преспале симболичката бура, па безнадежно се обидуваат да ја воскреснат оддуваната референцијалност.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Поблиску до дома, хаосот ни помага да ги проучуваме збиените честици што ги фаќа магнетизмот на Земјата и чие ослободување во атмосферата ја предизвикува појавата на аурора.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Држејќи се за раце, невидливи меѓу збиените тела, тие гледаа право напред и наместо очите на девојката, од гнездото од брада во Винстон тажно гледаа очите на остарениот заробеник.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Прво, уште на пристапот кон колибите, збиени една до друга на една зарамнина, со безброј плевни и кошари наоколу, ги нападнаа булук кучишта, та изгледаше дека на Бојан и Денко овој ден им е последен ден од животот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Во камионите клечеа мали жолти луѓе во износени зелени униформи, збиени еден до друг.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Шета со погледот низ селото и гледа: си останало исто, си го задржало истиот изглед; има по некоја куќа нова или обновена, но не се раширило, си ја задржало онаа своја збиеност: од која куќа да викнеш, на другата ќе се чуе.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
За тоа време, скриена в сенка на диви боцки, волчицата внимателно го следеше животот пред себе - стадото на густо збиените овци и кучињата, таа нејзин жива и страшна омраза.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Од исток во широчината безизразно гледаат со матни, напукнати или со весник излепени прозорци, низа збиени и од земја никнати куќарки; на запад - гнил, накривен плот зад кој се наѕира темно- црвен оџак; од југ - слеп ѕид на него чуден цртеж со креда; голем круг со две дебели бели точки, под нив водорамна црта.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ја замислив како патува со децата во товарниот воз, и додека се така збиени во мракот на вагонот, им раскажува за патувањето што ги чека, им ветува море, игри на песокта и пливање.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Пак зачекорил. Збиените луѓе како да му пошле в пресрет.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во аголот формиран од испакнатата фасада на една куќа, тројца мажи стоеја збиени еден до друг, додека средниот од нив држеше в рака превиткан весник што другите двајца го проучуваа преку неговите раменици.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Чудно ми е како можев тогаш, во исто време, да го следам и злосторството на Кузмана и битката на густо збиените деца.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Беше сигурен:ја минаа шумичката и од еден скоро непреоден дол, заштитен со боцкави змии на густо збиени капини, излегоа пред студен рид, нем и пуст како тајна.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Наспроти погледот на Петар се зададе фес, па уште еден фес, фес по фес- фесови...збиени еден до друг се задаваа зад стеблата.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе