здание ср.

здание (ср.)

Вилата на Ниротакис беше во непосредна близина на неговата фабрика за текстил во Дренок; по неколку метра од оградата на фабриката требаше да се мине стилизираниот железен мост преку реката и веднаш, на аголот од левата страна на мостот, се простираше убавото здание среде густ овоштарник обрабен по страните со два реда лозници.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Работеа во Грција, градеа некаков санаториум крај маслинките на едни стари гробишта, подалеку од градот, ѕидаа повеќе зданија, а оној работеше на сонцето од сите тие денови, ги дигаше како од шега сите оние огромни блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да расцутуваше на сонцето на тоа лето, беше постојано среќен и широко насмеан, со сите нив околу себе, со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори нешто за секого од нив со оние огромни пегави и црвено издамчени рачишта да им помогне, а при тоа и да им се насмее со она свое големо лице, на кое постојано зрееше едно огромно задоволство со себеси и со сите други доста поситни од него луѓе, што се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешки несмасна шега.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Јас тврдам дека патот до таинственото здание на детските сништа, кое плови во ветрова запрега, го знае само јунаков на нашава приказна.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Константин З . се чувствуваше семоќен, гледаше во огромното сиво здание на поранешниот монопол и сам си го поставуваше прашањето: дали некој друг успеал цел еден етникум да затвори во една единствена зграда?
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Беше еден лилав септемвриски ден, за другите тој секако беше сончев и чист, доѕидуваа некакво банкарско здание во Букурешт, беше на највисокото скеле, остануваа уште неколку реда тули до чатијата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тоа беше Театарот, старо здание градено во псевдокласичен стил небаре пресадено овде во средиштето на Балканот од Виена, од Рим или од Париз!
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Имаше натопено многу високи ѕидови, имаше соѕидано многу зданија со својот малтер, во многу градови по главните улици стоеја градбите во кои тој имаше соѕидано многу свои денови, заедно со тешките копанки, а од сето тоа имал само едно уште пониско рамо и само толку заработка, за едвај да може да дочека додека не се започнеше некоја нова градба во тој, или во некој друг град, сеедно.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Овие нови зданија, заедно со стариот Камен мост и големата извишена тврдина зад нив, позната уште од праисториските времиња како главно упориште на сите империи на Балканот, ја формираа трајната физиономија на градот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Тој убав дворец не е веќе траурна зграда, туку здание на светлината или „Сарај на убавите уметности“. Во вистинската смисла на зборот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Но животот, што почнал така, зел да одминува, се затркалале една по друга годините, а далчниот свет како да ги цедеше преку триста сита добрините, што можеше да му ги искамчи за себе со своите ноктиња еден таков ситен, загубен човек од планините, останат калџија во мајсторските тајфи до својата четириесетта, по скелињата, со рамото, што му паѓало сѐ пониско од тешката копанка, што ја искачувал нагоре по тие дрвени конструкции, од под кои, како пилето од под лушпата, еден ден се излупувало и почнало да живее едно ново здание, секогаш наново, во бескрај.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Така, уште кога, по големата преселба од западниот брег на крајезерскиот град, запревме крај брегот на оваа брза река, се вселивме во една стара напуштена беговска куќа што ја милуваа сенките на четири мамутски тополи, извишени помеѓу Дрвениот мост и старата Женска гимназија, која подоцна го доби името на Јосип Броз Тито па по последниот катастрофален земјотрес, сета растресена, беше урната иако можеше да биде спасена, и на нејзиното место беше изградено троделно здание, што потсетуваше на пагода, во кое беше сместен Централниот комитет на Комунистичката партија, сѐ до нејзиниот пад.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
27. Зградата на Онкологија е едно старо здание од некое минато време, ме потсетува на касарна, дури да не речам и на затвор…
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Во душата на градот се извишиле бетонски зданија, кои повеќе потсетуваат на некакво урбано варварство.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Жива е само уште Вичо планина, само неа не можеле да ја тргнат и овие неколку нови зданија. Сѐ друго исчезнало.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Со оваа нова градба, како и со блискиот Дом на Армијата, изграден на местото на една џамија во форма на бурма и позната како Бурмали–џамија, спроти зданието на големата банка, со зданието на големата железничка станица, една од најубавите на Балканот во речиси ориенталната касаба, се наѕираше моќта на новата држава.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Беше тоа еден таков морничав страв од височините, а во соништата тој му се прикраде така, што секогаш се изнаоѓаше себе си осамен и несигурно стапнат на скелето на една толку висока градба, која ја имаше височината на сите оние недобројни зданија, создадени од него, уште од неговото детство, наредени едно врз друго, од кој наеднаш тие скелиња почнуваа да се отпетлуваат, бетонските плочи остануваа да висат над провалијата, тулите се трошни под неговите стапала и тој онаков малечок, навистина пргав, кажав, но наеднаш толку мал и страсен не можејќи да стори ништо друго против тоа, се отпушта оттука надолу, во онаа бескрајна празнина под него, која чиниш со жед го впива во себе неговото до непостоење лефтерно и ситно тело...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И кога го составив со мозаикот, кога целото стана Едно, и кога се укажа целата слика на царевата ќерка под колената мои (оти на колена клечев додека чинев невидливото да стане видливо), сфатив дека сум пајак средето на своето завршено дело, дека ме заробила целината, завршеното, дека самиот сум центар на сочинението од рацете мои, дека сам сум се затворил, сум се заѕидал во тоа чудно здание, храм пајажинест.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Кога песната молкнуваше, и зданијата и храмовите исчезнуваа“.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Некаде наблизу треба да се вишнее вашингтонскиот обелиск, највисоката градба на американската метропола, симболот на моќта донесен и тука оддалеку, преку помпезниот дух на урбанистичките замисли на Л’Анфан, францускиот архитект и американски револуционер од 18 век, и на градителот на вашингтонскиот обелиск Роберт Милс што го подигнал во втората половина на 19 век – таа извишена тежишна точка на семоќта, пренесена од духот на најдревните градби на денес мртвите градови од фараонски Египет во Африка, преку Париз на ампирот, наполеонската грандиозност и помпезните аксиометриски поставени зданија до кои водат широките булевари.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Тој, откако си налеа од самоварот чај, продолжи: - Е, мои мили Балканци, во мигот не можев да утврдам во кремљското здание како дојде до моето испраќање во Гулаг.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Повеќе