зелка ж.

зелка (ж.)

И наеднаш му текна нешто: тој изрипа од колибата надвор, а кога се врати во рацете држеше голема главица зелка, од која што ги кинеше горните лисја и ги фрлаше надвор.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
По тоа пак си легна на грб и загледан во небото посипано со ретки ѕвезди си зарупка слатко од зелката.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
на дуњава има многу дупки: дупки во времето дупки на патиштата (кон посветла иднина) дупки во умот и помнењето дупки во историјата дупки на кофите дупки во самите дупки во дупнатите дупки секој глас мигум исчезнува нема довикување, нема ехо нема навивање за нашите нема паради на гордоста нема врескање во маалата нема лелекања во градските населби ги нема ни паролите на пролетерите од сите земји дупнатите дупки се царство на глувотијата, мавзолеј во изградба на глувата глувотија во глувите дупки оглувуват деца пред да вкусат кисела зелка а старците веќе одамна оглувнати го трпат неизбежниот пораз што пред да пропаднат во глувите дупки им го претставуваа како живот некои старци сакаат да им пукне бојлерот додека се тушираат арно ама во глувите дупки и бојлерите експлодираат глуво и на тој начин го даваат својот придонес во размножувањето на општата глувотија во која старците загинуваат од глуви експлозии.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Дури ни ножот со кој ја сечев зелката, за оној проклет боршч на татко ти не го бев оставила на масата туку го држев во левата рака додека се крстев.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Ходникот баздеше на варена зелка и на стари простирки.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
И после ќе ти даваат зелени пиперки и зелка, и така ќе ни ги отворат очите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во полутемната просторија, што нѐ удри во носот со реа на скапана зелка и помија, немаше многу луѓе.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Кујнскиот мијалник беше полн речиси до работ со нечиста зеленкава вода која смрдеше на зелка.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Дури и зелката се разболе од зеленчукова килавост, од тумори против кои селската рамнодушност со години веќе не се бореше.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
А сите што барем малку се одбираат во зелки знаат дека зелките немаат нозе а и чуму им се нозе на зелките кога умот е во главата а не во нозете, а од главата се стркалуваат и се истураат во јавето и сите тукушто зачнати и тукушто отсонувани соништа.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
И тука се чувствуваше вообичаениот мирис на варена зелка, заеднички за целата зграда, но беше некако пресечен од едно уште поостро испарување на пот кое - човек го знаеше тоа штом ќе го почувствуваше, иако беше тешко да се каже како - му припаѓале на некое лице што не е присутно во моментот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Хајдегер не ја разбираше баш оваа луда трка на зелките, не знаеше колку време сака зелената зелка да стане кисела зелка, расол и како што не беше сигурен дали новиот качкет му е тамам така и шепотејќи сам си се прашуваше дали навистина секое мисловно мислење е поезија и секоја поезија е мислење?
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
А таквата помисла за заскитаноста или за загубеноста ми наиде кога во аголот на собата, во мрежа обесена на ѕидот, забележав зелка и неколку моркови.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Се сеќаваше на долгите попладниња што ги минуваше со други деца претурајќи по контејнерите и по купиштата смет, пребирајќи лисја од зелка, лушпи од компири, понекогаш дури и суви корки леб од кои потоа внимателно ја гребеа нечистотијата; и чекајќи да поминат камионите што одеа по одредени маршрути, за кои се знаеше дека превезуваа сточна храна и од кои, кога ќе потскокнеа на тумбите од патот, понекогаш испаѓаше по некое парче маслена погача за стока.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Сендвичите со плескавици беа од чисто мелено месо, првокласно, и ги служеа со салата од зелка, пржени компирчиња и една четвртина кисела краставичка.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Зелкава на Фејсбук машала ми напредува. Уште малку сарми ќе виткаме.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Следуваше долг протокол со низа испушени цигари и салатата од зелка со други додатоци како патлиџан и краставица.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Стварноста ја сочинуваа застојани градови во распаѓање, низ кои потхранети луѓе шлапкаа во чевли што пропуштаат, живееја во закрпени куќи од деветнаесетиот век кои постојано смрдеа на зелка и на нужник.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Нив оддалеку ги препознавам, уште пред да се фотографираат со најголемиот букет од африканска зелка и цвет од памук, стилизиран коверт и кофа од фризура на главата од дамата, која на себе има парфем доволно да ја намириса цела ресторан сала.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Имаше и полни чинии со бадемов кафен ориз - пилав (еден од специјалитетите на Кети), мелено месо и ориз завиткани во листови од зелка, пржени домашни колбаси, многу зачинети, чорба, длабоки чинии со мешана зелена салата, потпечени пиперки со маслиново масло и разни други зачини, вклучувајќи ја и неизбежната туршија од пиперки, жолти и со форма на рокчиња, за кои Даниел ја предупреди Рози, ”Немој да си гризнала од оние. Ќе ти ја изгорат устата”.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Повеќе