земјен прид.

земјен (прид.)

Потоа, двајцата влезени во гробот над главата на стрика Анѓела ставаат барде со вода, на градите поскура завиткана во крпа и земјена ваганка со овоштија, па прикрепувајќи се еден со друг и подземани за рака од другите мажи излегуваат од гробот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Само уште дедо Бошко седеше крај огништето во големата чадлосана одаја со земјено душеме и чепкајќи го лулето што го имаше допушено, нешто си мислеше.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Како да бев во една од куќите на Кукулино: од огниште на кое виси поцрнет котел се шири црвеникава топлина, удира во луѓето и им ги брише од лицата грижите и годините: светлоста се мрешка по земјениот под, мислиш вода е над кој минува здив на ветар: чкрта стара маса на долги нозе, на неа е дрвена карта со ракија, зад луѓето плашливо трепка око на кандило и потсетува на заборавена ѕвезда под проѕирни партали на пајажина: топло е, животот е далеку од светот на домаќините и гостите, обесената низа лук на ѕидот брани од урокливите очи на темницата зад прозорците. ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Од предната страна на зградата, на терасата што продолжуваше на осум столбови над реката, во големи земјени ќупови беа посадени леандри кои во првите зимски денови газдата Таки Ников ги собираше во стаклениот цвеќарник што беше придодаден на зградата од страната на Камениот мост.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Испуканите ѕидови и земјениот под на напуштената крчма ќе беа дел на затвор од старовремски прикаски за некој дрпниќесе или востаник ако празните прозорци ги замрежуваше железо.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Геноцидот е нивна навика. -Тие воспоставуваа вештачка немаштија, лишувајќи ги мирољубивите луѓе од природните наследства на земјените изобилства и Божјите дарови.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Со многу суви везени пиперки и узреани црвени домати во земјен грнец, убаво поклопен, убаво околу наоколу залепен со тесто и на оган од суви говедски лепешки.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Кога мислеше дека сланината е печена, со ножето ја избутка од шилестата прачка врз земјената чинија.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сега го копаше подот но ќошето на една малечка просторивка лево од вратата, тука го чуваа алатот, а во земјениот под ги запретуваа компирите, на тој начин сочувувајќи ги од мразот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Средба Денес убив една мушичка; Лежев на терасата и хорот од микроорганизми во земјената саксија со земја пееше погребна песна; Знаев дека си тука, а не верувам во реинкарнација.
„Омајнина“ од Афродита Николова (2010)
А сѐ е тука:слики по ѕидовите тешки двојни завеси врз прозорците ормани што прилегаат на мртовечки сандаци исправени покрај ѕидовите несмасни кожени фотелји штавени овчи кожи расфрлани по подот една земјена Геновева и ламба прокудена во аголот притисната од темновиолетовиот абажур.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Киле седнат на едно триножно столче, со софрата пред него и на неа земјената чинија со сув грав и половината сомун леб од сетното месење, јадеше како одвај да џвака, полека некако мрзоволно.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
„Самоук уметник сум “, се врати попот во чиста кошула и со полн бардак и две земјени чаши.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Го наследија близнаците Крловац од некој свој роднина добротвор и наследија една колиба со многу ненужни предмети: дрвена вила, дрвена лажица, дрвен чанак, дрвен триножец, земјана стомна, земјено грне, стар календар со избледена слика на некаква кралица и сѐ така нешто бесцелно и без функција во еден живот на кој му припаѓаа - колекција на разнобојни срчи од прозорците на некоја градска црква, урната во војната, китка суви непознати треви, куп черги, војнички шлем, карбитена ламба.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Мајчина душичка - упатство за чај – Се пие вудве или насамо но не претерано често се зоврива, по правило покриен во земјени, бронзени или керамички садови, дома во таа топла и задимена чајџилница на прекипнувањето: преку, отаде, и пред тоа, и потоа; потпивнувај, загревај се додека е жежок додека си желна шмркај, шмукај (наши сме) напари се задржи го колку што можеш подолго в уста, шлапкај со јазикот миризливоста, сладоста и краснописот на длапката да ги сети-ш; дотурај пополека, измешај го со лажичката желба за чај – жалба за младост секоја планина – своја падина потсркнувај чај – Бах чај – Жар чајни печива мед и путер; чајот не се пие од-нога пиј кроце, голтка по голтка г’тка по г’тка меѓу редови.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Доаѓаше низ некоја мрежеста темнина од која најнапред се појавија неговите кафејаво земјени прсти со многу кал под ноктите.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Во огништето крчкаше грнето со грав. Среде соба, на земјениот под, под вршник се печеше леб.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
А гостилничарот идеше со земјено тавче в раце, што го спушти сред маса како колач на среде.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Одвај пркната и заодена, секогаш се врткаше околу мајка Фимка и од неа научи од вечера да зафати леб - во земнено черепче подновуваше квасец, а утредента, во рано утро замесуваше во ношвите.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Се женев во сенокос, околу црешни берење. Тогаш дојде грнчарот Толе од Вранештица и продаваше земјени посатки за раздавање. За мртвите на Дуовден.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе