искине (св.)
Прва година помина грутка в срцето ѝ легна, втора година намина болест ја в гради искина.
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
Ја допрев со прсти болката во слепоочниците и ми се стори дека врвовите на пораснатите нокти ја минуваат коската и растат зад неа криви, непокорни и готови да искинат сѐ што е во мене, и жиличе и мисла.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Со првите пролетни дни, по сите зимски мори и плашења, едноокиот дошол ноќе од непознат крај, убил туѓа кобила и со големите нокти ѝ ја искинал утробата; ѕверскиот корен можел да му се напои само со густа врелина на крв...
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Бегаме газ преку глава, се тркаламе и ние со камењата, и облека и лице ќе си искинеме.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
И насетувавме дека тоа е во некаква тајна врска со чудната болест на ќерката негова, која веќе со години (поради надвиснатото проклетство над нашето царство и над кобната одаја со едно нерастајнето слово во неа) лежеше болна од болест чудна, непозната, и искина толку постели колку што имаме години.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Таа би дала и фустанот да ѝ го извалкаат, и да ѝ го искинат, и косата да ѝ ја растурат и кондурите нека ѝ ги земат, само да може да се замени со малата кукла, што се сви сега во топлата прегратка на Маја.
„Раскази за деца“
од Драгица Најческа
(1979)
И пак ќе нѐ зафати незапирлива, громогласна смеа. Ќе ни се искинат образите.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Посакуваше да ја искине страницата во која беше запишана една тажна епизода од нејзината судбина.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Таа ноќ, во некаков френетичен напад, Марија ја искина литографијата на генералот во трпезаријата, ја шутна со сета сила пред вратата која водеше во дворот и се фрли на подот облеана во крв.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Искина од својата кошула две копчиња и му ги подаде на детето. „Држи. Тие се златни.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
А ти, значи, што доби? Го искина животот покрај човек нечувствителен кога си ти во прашање, ете, паметам, една вечер, иако сите бевме поднапиени, се вомјазивме кога наеднаш тој стана и рече: Абе, што сторив, требаше уште во дванаесет да ја земам жената од абортус...
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Кога облеката ќе се искинела, била користена како суровина за производство на хартија.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Беше момокот Васе, со мало писменце кое таа го грабна, се затвори во собата и најбрзо што можеше го отвори. За малку не го искина од возбуда.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)
Вам лага, мене чиста вистина, ако не, коски да ми истинат, пцишта да ме искинат, орли да ме исколваат, вземи да ме закопат, да би да ме отрујат, далги да ме однесат, молњи да ме црносаат, гламји да ме гламјосаат...
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Во тој миг Фисот го грабна мојот есеј, го искина на парчиња, и потем ми се доближи; ме фати за коса и ми го турна клопчето хартија во устата.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Кревај, кревај, не се крева, тежината нејзина голема. Црева ќе ми искине. А женска сила за на носила.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Да ги однесе ли чевлите на поправка и да оди некое време бос или да продолжи вака додека не ги искине.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
- Бре, прибери си ги кучињата! Ќе нѐ искинат! - извика чичко Анѓеле, ја истргна ластегарката од самарот на коњот и почна да мава.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
ДЕПА: Море, ние немаме касмет, вака сме се родиле и вака ќе се искинеме.
„Парите се отепувачка“
од Ристо Крле
(1938)
А од ќебето што ми го дадоа во партизани, Мане Шнајдерот ми соши пантолани, пумпарици, зашто првите ми се искинаа.
„Три жени во три слики“
од Ленче Милошевска
(2000)