исплашен прид.

исплашен (прид.)

Глувченцето залазе исплашено по клупата, задушка ѓаволесто со носето по трошките и се обиде да рипне преку работ на клупата.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Во исплашеноста, не можеа да видат дека се тоа двајца обични невооружени и распашани војници.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
ГУЛАБИ Јатото гулаби наеднаш пркна од дворот сини диви исплашени не од истрел ни извик детски ни закана.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Се морничавеле исплашени од многуте прикаски дека мечкиниот свршеник ќе почне да се дебели од женско месо.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И во следниот миг видов млаз кон мрежата; миг потем видов светлина, страотен блесок, десет илјади пати посилен од Сонцето, како очите Господови; таква светлина никогаш во животот немав видено, господине судија; светлина еднаква во сите свои делови, виолетова, облак од светлина што не е во едно време убав а во друго неубав, ниту за едни е убав а за други – не; таа светлина траеше само еден миг, кој ми се виде цела вечност, и јас знаев дека и Јан Лудвик ја гледа таа светлина од прапочетокот, и како бев вон себе, исплашена, во шок, јас бев среќна што Јан ја виде таа светлина, уште еднаш.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Слегни на мојата планина завиена во топло крзно сета од здивови на исплашена дивина.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Стоеше исплашен на една нога како штрк и не се осмелуваше да ја откачи.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
И тогаш бев многу збунета и од секој одговор исплашена.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
- Крсто, кир даскале... - велев јас со растреперен и исплашен глас.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Таа има за цел да ги поттикне и охрабри обесправените и исплашени македонски работници, и по судски пат да бараат остварување на своите права од работен однос.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Илузијата што ја скриви птицата веќе не постои Исчезна и опашот и жолтиот клун и монистата на песната На гранките ѕвездени гроздови Зборовите паѓаат врз белината Сѐ е стокмено како во градите на будилник Безброј лостови ја држат напнатоста Прстите шетаат по ‘рбетот на времето Но гласот на сестра ми го слушам додека се обидува да го смести својот насмев на лицето на една исплашена кукла.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Исплашени од рикот и од баботот на копитата, првин орлите летнаа од стените и пркнаа кон небото.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Деновите по разврвените Солунски улици исполнети со униформи, питачи, заводливи жени и исплашен народ ги минуваше во размисли и потрага по смислата на она што веќе беше сторено.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Иако исплашени дека газдите ќе им се одмаздуваат, тие сепак се одважија да излезат на штрајк. 
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Коњот е повеќе вознемирен и исплашен одошто загрозен.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Гледа во патниците кои се појавиле исплашени по прозорците, срцето му тупоти, другите автобуси свират и тој не знае што да прави.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Старецот молкнал. Според негова сметка средноќта веќе се наближувала кога, со оние што биле будни, слушнал дека роговите на ненадејно исплашениот добиток со тап звук се удираат во мракот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тој не бега, негде збор да не се чуе што бомбашот страшен исплашено бега, за надежта млада безразлично му е, не се плаши мртов да падне тој сега.
„Локвата и Вињари“ од Лазар Поп Трајков (1903)
Чекорел исплашен од песната крај големиот оган.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Човек ќе се понадева да замине, ќе го побара мирот, а потоа тој мир еве го претвора него во суштество тапо и исплашено пред одговорноста на одлуката што им ја соопштил на другите, како единствена и целосна вистина, дека заминува, ни помалку ни повеќе, заради пишување.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Повеќе