истегне св.

истегне (св.)

Гудалото нежно ми се лизга ту во минатото ту во иднината и ме потсетува дека некој нашинец најпосле треба да му ги истегне ушите на времето пред да ни се исушат сите ритки и пред да престанат да ни врзуваат стебленцата веќе онемени од носталгија.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Го истегнувам само вратот, и во тој улав час ми иди да ја одвртам главата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Светлокосиот ја изгаси ламбата, а по тоа полека се истегна и тој на сламата.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Лежеше истегнат на тревата, гледаше во еден бел облак што патуваше по бескрајното небо и му ја пееше оваа песничка.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Истегнувајќи се на креветот, замислував како ме чека личноста од запишаната средба на листата со обврски во факултетско бифе, и можеби ќе ме бара на телефон без батерија.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
- Тој ја истегна десната рака во широк гест и чекаше.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Стариот да си се истегне дома на мекиот широк миндер и да потоне во слатка дремка.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Сам да ја влечеш колата низ угорница, сѐ до врвот, кола која двајца да истегнат до горе!
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Или вашата соговорничка (а тоа ми се случи мене) да потскокне од столот во ресторанот и сосема природно да направи неколку вежби за истегнување на ‘рбетот, додека вие зборувате за постмодернизмот за кој таа, вашата соговорничка, инаку е животно заинтересирана.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Над ситните бранови од седнати та принаведнати, се крева крупниот бран станати та исправени - импозантната екипа од главната маса се подготвува да си оди: режисерот го зафрлува фовистичкиот шал преку рамо, истегнувајќи си ја снагата во височина додека таа му оди во широчина; авторот си ги бара очилата по масата иако тие му висат на носот, не испуштајќи да е близу до режисерот како преведувач секогаш при рака; примадоната се огледува по сите маси, не толку за да им упати снисходливи насмевки колку тие да видат дека е уште ненадминлива; и најпосле примадонот (а како инаку да се нарече?), трипати женет и трипати разведен, но со црвен каранфил на реверот и готов на четврти пат кога веќе не била трета среќа, далдисан во главната ролја дотолку што си ја понесува недопиената чаша.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Филозофот ја собираше водата од карпата, правеше кал и потем, од калта сочинуваше плочки меки; потем се качуваше во кошницата што беше висната над бездната; од кошницата, исправен, на прсти од нозете истегнат, со прсти од рацете сосема испружени, со крајни сили ги лепеше калните плочки врз првиот ред и добиваше отисок од сочинението.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Се истегна уште еднаш, ги искрцка преплетените прсти на двете раце и го погледна папирусот пред себе.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Клоца со копитцата, кркори и полека ги превртува очите, се истегнува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Како второ: ако посакам слатко и убаво да се истегнам под зраците на топлото сонце, ниеден младич нема да ми побара исполнување на желбата да води љубов со женска од која потоа нема да му се гади.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Ја отворив портата позната, ги собув патиките, си отворив едно ладно, скопско, фридижирано пиво, се истегнав на фотелјата, го вклучив телевизорот, потегнав една добра, долга, рамнодушна голтка и ждригнав во моментот кога на екранот Боги запали цигара, вртејќи му го грбот на авионот кој заминуваше некаде далеку, многу далеку.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Додека траеше мерењето и се ставаа белезите на чаирот, папуџијата Јосиф стана старец од сто години, се згрбаве и ја истегна напред шијата како да граби воздух што му недостасува, ама да рече дека оваа работа му прави голем задоволство, или пак дека на овој несреќен ден можел да го доведе само ваков будала како зет му, е мисла само на недугави: татко ѝ на Тодора остана нем до крај, со откорнат јазик, и така ја пречека завршната работа како варен ошав.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Зад овој ѕид се истегнува пустината. Таму лутаат камиларите и ги поминуваат врелите песоци.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И Павле пак протера со него шест месеци. Практична работа. Само што сега палтото се истегна, свисна и уште повеќе избледи и потемни.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Кметот се истегна самозадоволно: - Немаше повисок од мене.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Меѓу вашингтонскиот монумент и Холокауст центарот се истегнува огромната авенија Индипенденс, а на другата страна, зад обелискот, авенијата Конститјушн по кои циркулира жив автомобилски сообраќај.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Повеќе