кама (ж.)

Првиот што излегол, пукнал во некој од Турците и така на куршум одговарале со куршум, на штик со кама. Така изгинале нашите до еден...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Ниту имаа право на ремен со презрамка и кама.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Прва му кама забија, кога го овчар пратиа и го од златно видело еднаш за навек тргнаа.
„Робии“ од Венко Марковски (1942)
После затрудне сестра му од некој коњички поднаредник а тој во богословијата ја остреше својата кама и се колнеше дека ќе го убие тој човек.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Тишината со кама можеш да ја сечеш.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Се разбира, со надеж да станеме браници со ками на појасите.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Гласот, оној негов или на некој што е невидлив, прашува со нагласени согласки што ќе види и тој се сеќава на сѐ што гледал во куќата како дете: сабја кулајлија со вткаени букви од сребро во канијата - Смрт или слобода, стари црковни книги од времето на минатовековната игуменија Минадора, француска или германска кацига од времето на Балканските војни, турски тепсии со богати шари, ископани и начнати римски или такви некакви фигури на светци и војници, шандани, кандила, ками.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ако ја изневериме, камата да ни се зарие во нашето срце, револверот нека го пробие нашето машко чело! Смрт или слобода!“
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
И тогаш бегалецот од турската војска со исечени три прсти на десната рака, Татар или Монгол или Черкез и присилен левучар, им се предал на востаниците со посредување на попот Зафир Јосков Вртипоп, и самиот востаник со фишеклии преку искрпената мантија, со мавзерка, призренска кама и сребрено распетие, им се предал и го бакнал белиот коњ во двете ноздри.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
И, да не заборавам, џебно ноже, не чакија или кама, ами ноже на склопување, со отворач за конзерви и сврдел за тапи од шишиња.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Другата страна пак, српската, своето чудовиште го креира од елементите на хистеричното православие, мешајќи ги православните икони со опинците, фолклорниот лелек со четничките ками и брадестите убијци.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Со кожен ремен со презрамка, со жолти копчиња со буквата Б на токата и најубавото – со едни многу убави ками во кожни футроли, исто со Б на рачката.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
На ременот од појасот секој носи како змија остра и светла кама.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Неда е скаменета од сечилото на камата.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Точно во тоа време ме известија преку тајни канали дека Сталин бара да се прекине со дотогашните методи од кои помодрував: ме следеа, провокаторски се обидуваа да ми поттурат леб со здробено стакло во тестото, ми се закануваа со нокти и со ками.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
И така, мој Пандо, нашинчето си дознавало што е и кој е, не од дебелите книги и од учените луѓе, ами од надгробните камења, од гробовите останати по карпи, од зарезите направени со кама или штик во стеблото на буката, дабот или борот, од нишаните што останале од нашето постоење во кое не битисавме и од времето што го броеја само по лошото, само по крвавите траги што ги оставал тој што доаѓал и си одел...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
А јас мојата кама. Се наведнавме и се меркаме.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
- Смрт за балканскиот предавник! – викаа сложните балкански маси сите со ками готови да си ги збрцаат во грбот едни на други така што потоа Европа да остане осиромашена. И толку.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Под врви Анди пасе лама Пека тато, мека мама Бела лама пасе сама Црна лама уште посама Пасе лама, клима глава Росна тревка в меше клава Пози мени, фотки, слава Чифте фрла, сегде мава Делник кротка, сиктер фама Празник бесна, чалам дама Алфа бета пиши гама Узда мека в селска нама Аздис лама прави драма Од сребро сака мека слама Да сркне само два-три грама Козја завист да крене блама Претка лама копа јама Уплав најде древна кама Доста чалам леле аман Скраја крвој аман заман Нејќе лама пиш пиш пиштако Нејќе клања ни ни никако Сака под врв Анди да е Огден Неш Заедно да талкаат пеш и да играат шеш-беш.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Раните од куршум, од нож, од кама, се гојат, ама раните од болка и од тага и од чемер не се гојат.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Повеќе