квачка (ж.)
Тие ја удираат по раце и таа си ги собира кон устата, си дува во прстите, на удреното, и пишти ко квачка што го рани пилето.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Отец Висарион, ќе си ја пушти сенката кон мене, ќе ме покрие ко облак неговата сенка и потоа ќе ги чујам и неговите чекори од квачка.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
На пилињата секогаш им треба квачка.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ме остави квачка без пилиња.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Квачката е излезена до каде 'ржаново, а Деницата тукушто се јавила; треба да има ранко три четири саати.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Јас сум само квачка, си велам. Квачка со пет пилиња што ми ги зеде водата, си велам.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
На исток ѕвездата Деница беше отскочила високо. Ралиците го губеа својот сјај, а Квачката одвај гледаше.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Вратата се разгрна полека, но наместо да се појави остар јатаган, се појави една сејменска глава; се опули во собраниот куп и се насмеа. – Се собрале како пилиња под квачка – проговори и ја отвори едната пола на вратата. Му се поклони длабоко на тој што беше зад него. Му направи темане: – Бујрум, кади баба. Тука се како лисичиња.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Ко пилиња под крилата од квачката, под пердувите мајкини. 76
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
- Што, можеби и не е човек, - се поплукуваа жените в пазува, па потоа врескајќи ги собираа децата околу себе како квачки и се заклучуваа дома.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Стрежам над ногата како квачка.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
- Што правиш тука? - ја праша, а не дорече: како квачка врз страчкини јајца.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Едни ги пикаа своите годиначиња во градите, а тригодишните под широките кошули и така клечеа врз нив како квачки врз пилиња; други ги криеја децата зад иконите; една го кладе детето во камарата каде што попот врши проскомидија; друга го бутна во мазгалката зад иконата на св. Илија, а сите зедоа в раце по една икона, натпреварувајќи се која да ја земе иконата на Ристоса, св. Богородица и света Петка, надевајќи се дека нивната сила е поголема од онаа на другите светци, та белким и ќе ги заштити барем децата.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
ЦРЦАВУЛКА- животно кое на квачките им ги напаѓа пилињата. На српскохрватски- ласица.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
А кога неговите прсти ќе ја допрат мојата коса на оние квачки не им преостанува ништо освен љубоморно да се муртат.
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Баба Петра не се помрднуваше од дворот и од куќата, ги вртеше внучињата околу себе како квачка пилињата и не го споменуваше дедо Костадина.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)