кикот (м.)
Од секое дрво друго ветре се мешколи и ти шумоли ко човечки говор со притаен кикот.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Молчешкум ги слушав не разбирајќи ги докрај тие бескрајни разговори за ликовите од албумите, кои бликнуваа во собата исполнета со чад, напати низ радосните, ведри тонови и живите раскажувачки надвикувања, понекогаш скриени во нечујните шепотливи коментари и придушениот кикот или тргнати од ненадејната гласна смеа на присутните, а потоа, другпат, лебдејќи во дневната соба, во успорените кажувања полни со паузи, со завладеани тишини и говори со стегнато грло.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Така, колебливо, мрсен Петко бидуваше де овој де оној додека најпосле со кикот не беше прифатен играта, а децата на полјанката под коријата изгледаа како од кошара побегнато улиште што нашло тука слободен простор за луда, невоздржана игра до наситување.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
И после почна да се кркори: го фатила некоја разуздана смеа, некој кикот што завршува со потписнување на грлото.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Со кикотот замолкна за кратко, а потоа направи изненадувачки пресврт во гласот и над мене го слушав нејзиното кажување со зборови раскршени како срча: „Еве, цицај и мисли дека ја задоволуваш мојата потреба за мајчинство само за да се ослободиш од вината која, знам дека ти тежи.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Како и ѕвонливиот кикот на итрото ангелче; само некои сини, проѕирни вертикали, ѕунливи како трепетливите струни на носталгичното чембало, се извишуваат пред моите дремливи очи.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Некој многу чуден кикот, небаре да плаче човекот.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Кикотот на јатото црни пиони, што меѓусебно се скокоткаат гледајќи во кралицата со надуениот мев, ме бутка кон најистурениот агол на таблата.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
Пуштете сега и вие еден коњ да спие кај вас.“ „Будала некој, тој ваш отец“, со кикот рече девојката и пребрзо за нивното разбирање симна сѐ од себе и се прозевна. „Ајде кажете каде ќе се легнува?“ По подот лазеа чудни мириси на мастика, на лук и на женска топлина.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Убавата летна вечер им го правеше животот весел и тие знаеја да ја исползуваат и својата висока општествена положба, и убавата јасна летна вечер, осветлена од полната месечина, украсена со смевот и кикотот на убавите старавински моми, насобрани на чешмата пред кулата.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Смеа, рапава и придушена смеа. Тоа не е смеа на циркуска публика, весел кикот на прснати стакла. Тоа е потсмев.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Јадевме со сласт која надополнуваше нешто непрашано или некажано, така барем ми се чинеше, но таа претпоставка за мене стануваше сѐ понебитна пред комичната слика во која доминираа задебелените црвени мрсни усни на Крумета развлечени под мустаците како пренапната пластика низ која, постепено, неговиот длабок, затемнет глас се раздробуваше во рапав, метален кикот кој повремено се слеваше во три обични збора: „и така натаму”.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Кому да ја подарам таа среќа мала, тој кикот црвен, тој усмев палав?
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
Сакаше да сврти зад соседната улица; но сѐ што беше во него, од ветровиот вез во маслинките до последниот кикот на машинките, се распрсна во силен прскот, во тапо кршење, ѕвечење, крик, и сето тоа се слеа во татнеж и како лавина тргна во недогледна бездна.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
А потоа сите гласови одново згрмеа – плач и кикот, крикови и ревења, клокотење и фијукање, молби и тажачки, благодарности и проколнувања.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Воздухот небаре се загадуваше од тоа тесто на подбив и напернатост, плитки смешки и срамен кикот, наменет за врзаните и нивниот разголен пол.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
1. Грозна смеа
Опеј, ја Божице, дарбата за светогрдие
за иноказание, за смеа грозна низ плач и жолч
изречи ја славно на смртниците поругата,
подбивот и јамбот, отровниот рев
шегата пој ја на раѓањето и смртта
маската, порокот и гревот
опиши го, Вечна, на киклопот кикотот
кркорот на крвта
во обрач од стих завиено и сласно
растури го кругот, барутот, чаурата
со метар, а безмерно смерно
во речта магично обратена,17со очи на тилот
во стар образ, а со друга вера
- кој прв спомна на Бога Име
небаре ќе го снема ако не има
во времето знак
да биде освен вера, завера
освен пат и бездна
отсутен а присутен
по севезден ѕвезден?
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Еднаш ќе умрам под олтар, мислеше тогаш ловејќи негрижа кикот во секој свој нерв.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Се грбавеше врз тркалезните сплескани пари небаре првпат ги гледа, и со здржан кикот, ѕверејќи се спрам ридовите, ја вртеше парата и читаше во занес: „Нека му биде победата славна - сечено во Кратово”.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
- Аааааааааа, сега ќе те кажам на баба! - викна Томе и со злобен кикот отрча во нивната куќа.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)