кобен (прид.)
Чувството дека остана сосем сама ѝ го раскинува срцето, ѝ ја полни устата со горчина, ѝ ги потсечува колената осамата што дојде со кобното војничко писменце.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Како што со песна се слави раѓањето дете, како што со песна се слави партиска победа, како што со песна се славеше победата над англискиот фудбалски тим, како што со песна се славеше безвизниот режим, така со песна треба да се слави поместувањето на овие кобни минути, заради кои целата судбина на народот тапка во место...
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Сите се плашеа од таа кобна директива, којзнае која по ред која ќе значеше конечно пресметување со козите, но и со оваа повратна живост на лицата на луѓето, првпат од војната, во слободата.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Околу полноќ, по многуте попусти истрели во заштитничкиот камен, преку луѓето минал бран кобна тишина.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Сѐ уште ретките живи сведоци го паметат тој далечен, кобен чин на омразата, подлоста и неизбришливиот резил, но обессилени од стравот, немо го врват патот долж ’рѓосаната бодликава жица...
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
И насетувавме дека тоа е во некаква тајна врска со чудната болест на ќерката негова, која веќе со години (поради надвиснатото проклетство над нашето царство и над кобната одаја со едно нерастајнето слово во неа) лежеше болна од болест чудна, непозната, и искина толку постели колку што имаме години.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Чувството за некаква кобна завлечканост во неговите петици тој не го загуби ниеднаш и сигурно затоа можеше да застане и да се сврти уште на првото 'ржнување, што го чу.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Имаше вистинска среќа, да не беше дрвото, падот можеше да биде кобен.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Да му веруваме ли на часовникот дека само шеесет кобни шлаканици мава една минута?
„Зошто мене ваков џигер“
од Јовица Ивановски
(1994)
Откако се знае во царството наше за одајата кобна (за која голтка знаење ви преподадов веќе, о жедни), со ин и неразјаснет запис, и откако таа одаја и записот се поврзуваат со проклетството кое го било царството и најдобрите колена во родот негов, се знае: додека не се разбере што говори записот, каква ука дава, нема да има мир и спокојство, и проклетството ќе виси над градот и царството наше.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Главите на воловите имале на челата човечки грижи и, една зад друга, потсетувале на ред измитарени султани и паши во рамки, биле подјармени старчиња чии богатства, слави и моќи се слеале во кобна точка од која, пред да воздивнеш, ќе шурне црна вода и ќе ги поклопи сонливи и некогашни.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се плашеше за силата на неговото срце, ја вознемируваше помислата како би ја примил веста, а да не стане кобно.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Оваа книга, како дел од есенцијата на мојата балканска егзилска сага, беше еден вид преуранета проверка на синот на емигрантот, нараторот, дали беше дојдено времето за враќање од егзилот во родната Албанија, беше тоа едно ѕиркање во пеколот кое можеше да заврши кобно...
„Потрага по Елен Лејбовиц“
од Луан Старова
(2008)
Мојата баба како да беше одраснато сираче, небаре вградена во куќата крај Езерото, како во една поприфатлива и почовечна варијанта отколку во балканските легенди, во кои млади мајки се вградуваа во темелите на видни градби, за да се смилуваат злите и кобни сили да ѝ ја поштедат градбата од мистериозно уривање.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Го гледаш Јуриј Андреевич како излегува од трамвајот и паѓа во грч, не можејќи да ги изговори четирите сакани кобни букви – се поистоветуваш.
„Зошто мене ваков џигер“
од Јовица Ивановски
(1994)
Во првите седум акции што беа успешно изведени Раде не беше допрен ни со едно зрно, но во осмата и деветта спечели дури четири рани со кои, заедно со претходните четири, спечелени во комитлакот, опасно ѝ се приближи на десетата, што гатачката веќе му ја имаше проречено како последна и кобна.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
За час во сите ближни села толку бргу, ене, стигна тој несреќен и кобен глас.
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
Националистичката идеологија, посткомунизмот, искуството на тоталитаризмот, кобноста на војната, сето тоа не е само хрватско.
„МАРГИНА бр. 35“
(1997)
Го душка Ангелета мој и пак завива, кобно.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Се менуваа така природните појави во атмосверата, една зад друга а нам ни беше некако најпријатно после дождот, затоа што пред дождот набојот беше некако кобен, па сите луѓе па сите луѓе беа некако напнати.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)