комита (м.)

Во тоа време пак, уште луѓе отидоа комити.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И кога првпат виде комити срцето широко му се отвори.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Неуловливиот комита е меѓу своите другари во изградбата на првата фабрика која за народната борба ќе произведува оружје и муниција.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Не ја крена главата ни кога дојде до изворот каде што беа комитите и децата.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Достасаа Озновци од Прилеп и од Битола; иследуваа, сослушуваа, држеа конференции и кога не им појде од рака да посочат кој го убил Пената, прогласија дека реакција во Потковицата има исфрлено комити во шумата, дека тие, комитите, дење си седат дома и работат по полето, а ноќе бегаат во гората и убиваат, па ја вооружија младежта и почнаа да ја пребаруваат шумата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Таков бил и Луман на кого луѓето до селото под Пелистер му испеале песна што и денеска се пее и го чува споменот за човекот што го заплашил народот и за едни добри луѓе што биле комити ѝ му платиле.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
На крајот комитите му кажаа сѐ што треба да прави ако сака да се смири со другарите и дедо му повеќе јатак да не биде.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Можеби затоа што немаше свои, зашто тој уште момче беше кога излезе комита и дваесет и петгодишен стана војвода чија чета надалеку беше прочуена.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Бргу сфати дека комитите му мислат добро на деда му.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Успеал и да се здружи со некои бегови и чорбаџии што го бранеле кај битолскиот валија лажејќи го дека Луман навистина понекогаш пленел, ама и против комитите се борел.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Ја зафрли капата назад за да може да гледа и стоеше надуен, небаре не е комите туку војвода.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Низ отворените прозорци долетуваа зборовите од востаничката песна: „Ај, излези, Ѓурѓо, на сретсело, да ги видиш, Ѓурѓо, мори, комитите!...“
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Задевањата на децата веќе не го навредуваа и за деда си не се плашеше. XI Токму тие денови комитите и повидните селани од Брезница со часови се советуваа како да го тргнат злото што ги поклопило.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Раде Ич, комитата, кој водеше војна за својата земја со Отоманската империја, а потоа се бореше на страната на Бугарите против Србите, и на страната на Србите против Бугарите, не поведе никогаш војна против својата детска наивност.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Ги зеде тој уште двете лири од аманетот на татка ѝ на Трајанка, направи триста други зулуми сѐ додека еден ден не ја зеде работата во свои раце дедо Геро војводата и неговите двајца комити.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И почна уште повеќе да се крие од децата, од нивните задевања додека еден ден не го најде дедо Геро и неговите двајца комити.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Тогаш Младотурците рекоа дека слобода носат за секого, комитите нека си се вратат по дома: да живееме сите братски и во слога.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
МЛАДИЧОТ: Од оној ден кога ме симнаа комитите од дрво во чии гранки ме скри мајка ми за да ме спаси од колењето.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
И дури вујко му Ѓуро му даваше кора и печено бравско месо да јаде и го убедуваше дека уште е малечок за комита, Крсте сѐ повеќе се намуртуваше и уста не му се отвораше — не му се каснуваше.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Навистина, не можеме а да не сочувствуваме и ние со комитата Ѓошо Савев во врска со неговата ваква обземеност од сонот на Акиносуко со оглед на спомнатите услови и посебните околности во кои се одвивала живеачката на борците за слобода.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Повеќе