копук м.

копук (м.)

На воденичкиот ѕид секогаш висела долга кременарка со изрезбан кундак и ги поучувала копуците да не му се спротивставуваат кога ќе ги заборавел поранешните спогодби.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сите се тие копуци, не знаат друг пат освен оној што ги води дома. Толку е нивното знаење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тој некако необично и чудно се беше обогатил во социјалистичкото време и за разлика од многумина кои на ист начин се обогатија и страдаа, нему ништо не му се случуваше, имаше многу пари, а некогаш немал, копук, за разлика од тројцата стари играчи, кои некогаш имале, а сега немаа.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Со чувство на вина што не се простува, ноќта се распаѓала на резенки и претставувала уште само сенка на ридови и на ритчиња, премногу косопасни и соголени од чифлигџии и селски копуци за да минат запрегите низ шума или да се присокријат негде призраците на Самоиловата коњица, или на Крум или на Душан, или на кој и да е војувач на ова парче земја чиј народец го проретчувал кој како ќе стаса, најпосле врз неговата тиква да се струполи и топузот на Бајазитовите потомци, тој топуз да ги потурчува каменот, земјата и човекот со тапија потпишана одлево надесно и да граба од 'ржена слама машки деца - подоцна под сабјата на младите јаничари да дојде понекогаш родниот брат или татко, ни колачот ни закланиот да не знаат дека крвта пролеала своја крв.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Докторот Петриќ го изгледа презриво дајреџијата, кога овој извади да плати и силно го удри по раката со зборовите: - Ајде бре, копук...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Голи биле ритчињата, можеле да се доголат и планините - утре ни беговите не ќе најдат дрво да обесат осуденик, ни копуците ќе најдат гранка да му го скршат вратот на бегот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Јас ќе и најдам на Антица маж богат и, онака, зрел човек во години, а не што лапа муви како оној копук.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Уште еден таков удар од полн замав пак по голото теме, колку неразбирлив толку и ненужен, и Орлен Шумков со споулавеност во шашливите очи и наведнат над последниот труп можел да објави дека на дружината ѝ е отворен патот кон нови ужаси и кобнички претчувства за невидени зла на копучкиот никаков живот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ми се повраќа од изборни кампањи; од билборди и ситилајти, насликани со исфрустрирани копуци, дибеци и жбитаци, што сакаат да станат некој и нешто; од лопови и преваранти што слободно се шетаат по улица; од доктори–митаџии, цајкани со по два мобилни, учители без етика, лидери со мнооооооогу мали јајценца и гоооооолеми бисаги...
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
па еден ни ја обелува: вие сте шпиони, вели, аман, бре господине, какви шпиони, ние сме сиромашни луѓе, не знаеме да бидеме шпиони, сите ќе одите на стрелање, велат, ако не признаете, велат, сите до еден ќе ве стреламе, велат и грмотрн им излегува од очите, ете сега, море бургија, не знаеме што да признаеме, тропаат тие, пампара - пумпара, шикли во чибук, а ги гледаш и тие - сиромаштија, ама не си ја гледаат својата, туѓата ги плаши, ние сме биле шпиони и од нас ќе им пропадне државата, копуци...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Копук! Мислеше ќе се залетам по неговото партизанско минато. Зарем не се погледнал во огледало.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Барбут –бег разочарано рече: - Сите наши муштерии се исти. Сѐ некакви копуци. А овој згора и бос.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
„Никако! Таа има можност да избира во селово, а не да го зема најсиромавиот човек, копук“.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Веднаш да одите додека некој не ве испреварил... “ рече Васко и се сврте кон Еда: „Ти имаш со што да станеш свој човек. Не го гледај овој копук Марка...“
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
За припомош, само додека ја натоварат бомбата на колата, му доделија двајца копуци, но силни мажи, како него. Алекса Ризески и Дикса и Бориза Енда.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тоа било јасно и било јасно: многуте советници со висок ајлук и вечни гости на беговиот мудбак можеле да им смислуваат одмазда на непокорниците од Кукулино; тие исти советници еднаш веќе сториле да загине од безмилосни пушки измирецот и милосникот на убавината Селџик-бег заради споулавеното јунаштво да ги зема под заштита копуците и залангугурите од најкраставите крстени села во Скопската Котлина.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Исплашено го прашаа: „Каква каса? Ние мислевме дека си копук.“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Заборавиле копуците дека кога ќе решат да пронајдат во себе доволно сили да пресудат, без да се обидат да ѝ се приближат на вистината, дека токму тогаш ќе се разбудат другине, кои ја претпочитаат умноста и кои се спремни да ја прифатат разликата помеѓу жртвата и насилникот?
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Но како никој, ни копуците, како што беше Борис Енда, не се согласуваше да влезе во колектив, Пената, на една конференција организирана за влегување во колектив и против бога, фати облог со мажите дека тој, ако се согласат тие да влезат во колектив, и за да им докаже дека веруваат во глупости, сам, ноќе на полноќ, ќе отиде на Самовилец и оттаму, за доказ дека бил, ќе го донесе копаничето со кое луѓето црпеа вода од кладенецот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)